Над 250 луѓе присуствуваа на двете предавања на Беа Џонсон за нула отпад, кои вчера ги организираше неформалната граѓанска група „Од нула до нула“.
Беа Џонсон, која од 2008 година наваму со своето семејство произведува само по една тегла ѓубре годишно, го сподели долгогодишно искуство и своите пет „златни“ правила за нула отпад и придобивките што ги носи живеењето без ѓубре.
Идејата за нула отпад, иако нова станува сè попопуларна низ светот затоа што ги потсетува луѓето како можат да му се спротивстават на непотребниот отпад и да им одолеат на консумеристички и навидум суштински потреби поради кои страдаат човечкото достоинство, природните ресурси и животната средина.
Гостувањето на Беа Џонсон во Македонија е дел од нејзината прва европска турнеја годинава, која минува низ десет европски градови.
Настанот е поддржан од колективниот постапувач со отпадни батерии, акумулатори, електричен и електронски отпад „Нула Отпад“, првата овластена и лиценцирана компанија за собирање, транспортирање, складирање, третман и преработка на отпадните масла и масти за јадење од растително потекло „Суниленс“ и колективниот постапувач со електричен и електронски отпад „Екон Електрон“.