Проектот „Учиме за собирање и рециклирање на отпадно масло за јадење” се проширува во 11 градинки во Скопје

ПРОЕКТОТ „УЧИМЕ ЗА СОБИРАЊЕ И РЕЦИКЛИРАЊЕ НА ОТПАДНО МАСЛО“ СЕ ПРОШИРУВА ВО 11 ГРАДИНКИ ВО СКОПЈЕ – ВИДЕО ПРИЛОГ НА МРТВ
09/10/2018
Децата од градинките учат за рециклирање на отпадното масло за јадење
30/10/2018

 

Еко-едукативниот проект “Учиме за собирање и рециклирање на отпадно масло за јадење” продолжува да ја гради свеста за позитивни еколошки навики кај децата од предшколска возраст. Пилот проектот кој започна минатата година во Октомври во градинките “Орце Николов” и ”Корчагин”, реализиран од компанијата „Суниленс“ во соработка со „ОХО“, опфати 450 деца и наиде на позитивен прием од страна на воспитувачките, децата и родителите.

Со почетокот на новата учебна година истиот веќе почна да се спроведува во сите детски градинки на територија на општините Центар, Карпош, Гази Баба и Аеродром или 11 централни градинки со вкупно 43 објекти. Преку оваа еко-едукативна програма околу 5000 деца од 4-6 години ќе се запознаат со темата – отпадни масла за јадење, начинот на кој тие се селектираат, собираат и рециклираат и како овие практики ја заштитуваат животната средина.

Со цел приближување на темата до децата на соодветен и интересен начин, главен лик во едукативните материјали е Петко од детската емисија 5+. Како и минатата година, воспитувачките ќе користат специјално изработен прирачник кој ја обработува оваа тема и им нуди неколку предлози и решенија со цел да им го олесни процесот на едукација.

Преку забавни едукативни активности и боенки со ликот на Петко децата ќе научат се што е потребно за отпадните масла, односно дека исто како и хартијата и пластиката и маслото што останува како отпад при готвењето може да се рециклира во обновлива енергија. Отпадното масло треба да се собира во посебни кантички со што на тој начин и помагаме на природата, го намалуваме загадувањето на животната средина и ги заштитуваме почвата и водите.

“Бидејќи воспитувачките се во директен контакт со децата и најдобро знаат како да им пренесат едукативни информации преку нивното искуство, креативност и секојдневна комуникација, тие се најважната алка во овој проект. Нивната комуникација со родителите е исто така круцијална за да им ги пренесат позитивните аспекти од оваа програма за нивните деца“, изјави Андреј Ѓокиќ, менаџер за развој и управување со отпад во Суниленс.

Истовремено, со цел заокружување на едукативната но и практична компонента за правилно третирање на отпадното масло, родителите ќе имаат можност да се вклучат во проектот „Рециклирај и донирај“  преку собирање на отпадно масло за јадење во нивните домови.

„Покрај еко едукацијата на децата, од многу значаен аспект ќе биде што повеќе родители да се приклучат во нашиот систем за собирање на отпадно масло од домаќинствата за да им покажат на своите деца како правилно и еколошки се собира овој отпад дома. Заедно со ОХО, веќе ги направивме првите презентации пред родителите во градинките каде се поделија и значителен број на кантички за собирање на отпадно масло. Сите заинтересирани родители кои сакаат да почнат да собираат отпадно масло може да се пријават во својата градинка и да подигнат 3 литарска кантичка за оваа еко практика“, вели Ѓокиќ.

petko1

Проектите “Учиме за собирање и рециклирање на отпадно масло за јадење” и “Рециклирај и донирај” директно го поддржуваат и се дел од новиот еко систем за собирање на отпадно масло од домаќинствата на компанијата „Суниленс“.

“Се надеваме дека ваквите комплементарни едукативни цели и конкретни еколошки активности кои ги спроведуваме ќе придонесат до зголемување на еколошката свест и навиките за собирање на отпадно масло кај населението, а пред се кај најмладите генерации. Бидејќи кога најмладите креативно ќе ја поддржат, надополнат и прошират визијата за чиста животна средина, тогаш нема граници на се што може да се постигне” – додава Ѓокиќ.

sunilens-logo-final

Суниленс Дооел е компанија која има 25 годишно искуство во трговијата со рафинирани растителни масла, индустриски маргарини, прехранбени суровини и полупроизводи во Македонија. Во 2009 година Суниленс започна со собирање, складирање и третман на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло како прва овластена и лиценцирана компанија од страна на Министерството за животна средина за оваа дејност во Македонија.

oho

„ОХО“ е Здружение за едукација, комуникација и консалтинг кое е специјализирано во изработување и имплементација на еко програми, зелени стандарди и проекти во едукативниот сектор.

Print Friendly, PDF & Email