Зошто рециклирањето е важно за нас и животната средина?

ЕКО БАЛАНС ТВ МАГАЗИН – СОБИРАЊЕ И РЕЦИКЛИРАЊЕ НА ОТПАДНО МАСЛО
17/11/2018
ШТО Е ОТПАДНО МАСЛО, КАКО СЕ СОБИРА И РЕЦИКЛИРА?
29/11/2018

Чиста и здрава животна средина е круцијален фактор за квалитетот на живот кој го водиме. Нашите секојдневни навики и начин на живот станаа рефлексија на прекумерно конзумирање на производи и создавање на големи количини на отпад. Несоодветното третирање на отпадот предизвикува големи проблеми со загадувањето кај нас и насекаде низ светот.

Се во природата си има своја функција и различна примена во еден обновлив циклус кој го овозможува постоењето на нашата зелена планета. Природата има лимитиран број на ресурси кои ние прекумерно ги користиме. Преку небрежноста кон околината и отпадот кој го создаваме предизвикуваме негативни ефекти кои ги попречуваат процесите како фотосинтеза, ги загадуваат воздухот, почвата и водите кои се главни извори на живот.

Застрашувачки е фактот што на годишно ниво во просек се фрлаат толкав број на пластични шишиња со кои Земјата би можела да се заобиколи 4 пати. Просечниот човек произведува 1,500 кг. отпад годишно. Кога ќе се земат во предвид бројот на жители во светот тоа претставува огромна бројка која предизвикува големи загадувања на животната средина.

Еден од начините да се намалат и превенираат овие проблеми е рециклирањето – процес на селекција, собирање и преработка на отпадот со цел негова ре-употреба, односно искористување на неговите енергетски и еколошки својства, за креирање на нови еко производи кои можат повторно да се користат во општеството.

Примарната цел на рециклирањето е подобрување на животната средина и создавање на додатни економски и еколошки вредности преку принципот на “циркуларна економија” – каде отпадот претставува ресурс кој се користи повеќекратно (производ – отпад – производ), а не еднонасочно како во минатото. Овој концепт е насочен кон заштеда на веќе лимитираните ресурси на планетата, создавање на обновлива енергија, поздрава и почиста животна средина, нови работни места и технолошки процеси, зголемен профит, односно води кон постигнување на одржлив развој.

Следејќи ги светските трендови и практики, Македонија почна со имплементација на системи за селекција, собирање и рециклирање на отпадот. Велат: “Рециклирај денес, за подобро утре”, а кои се видови на отпад можат да бидат дел од овој ланец на ре-употреба?

  • Хартија – весници, флаери и секаков вид на хартиени материјали имаат предиспозиции да се рециклираат со тоа што при нивна преработка се добива пулпа која подоцна служи за производство на нова хартија. Повеќе инфо за достапните системи за рециклирање на хартија кај нас, можете да добиете на следниов линк.
  • Пластика – овој материјал е неопходно да се рециклира поради тоа што не може природно да се разгради во околината, а причинител за тоа се канцерогените елементи во неговата структура. Повеќе инфо за достапните системи за рециклирање на пластика кај нас, можете да добиете на следниов линк.
  • Стакло – овој отпад се рециклира со кршење на ситни парчиња и топење, по што служи како нов производ. Повеќе инфо за достапните системи за рециклирање на стакло кај нас, можете да добиете на следниов линк.
  • Текстил – еден од најпознатите материјали за рециклирање и ре-употреба поради можноста да се донира или да се препродава како веќе користена роба.
  • Метал – алуминиумските и железните амбалажи се најпогодни за рециклирање поради големата побарувачка за метални суровини кои подоцна се користат за производство на истите или нови метални производи. На пример, преку рециклирање на конзерви, користењето на енергија потребна за производство на нови конзерви се намалува дури до 95%.
  • Електонски и електричен отпад – со рециклирање на овој отпад се заштитува природната средина од опасни и отровни елементи. Повеќе инфо за достапните системи за рециклирање на електронски и електричен отпад кај нас, можете да добиете на следниов линк.
  • Органски отпад – остатоците од храна, зелен и градинарски отпад и други видови на органски отпад може да се употребат за производство на компост или биогас кои понатаму имаат вредност во земјоделието или за производството на електрична енерија.
  • Отпадни масла за јадење – овој отпад кој се создава при подготовката на храна, иако е класифициран како неопасен, е голем загадувач на почвата и водите. Преку негово рециклирање се добива нов еко производ, односно  биодизел – еколошко гориво кое не содржи сулфур, има биоразградлива природа и ниски емисии на штетни гасови. Повеќе инфо за достапните системи за рециклирање на отпадно масло кај нас, можете да добиете на следниов линк.

Скоро 70% од отпадот во Германија се рециклира, додека во Македонија се рециклира само 30%. Дали оваа бројка е задоволителна за постигнување на еколошки здраво и одржливо општество кон кое целиме?

Бидете промената што сакате да ја видите во нашето општество!