Општинскиот Сектор за урбанизам и заштита на животната средина од Охрид денеска ја заокружи втората фаза од Пилот-проектот за собирање отпадно масло од домаќинствата.
Овластени претставници на фирмата „СУНИЛЕНС“ што има дозвола за собирање, складирање и третман на тој вид отпад денеска го собираа отпадното масло од домаќинствата на кои претходно им беа доделени канти за собирање, при што полните канистери ги заменуваа со празни во граѓаните кои ќе го собираат маслото во наредниот период.
Од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина задоволни од одзивот на граѓаните, најмногу од се што се исполнува првичната цел – создавање навики кај домаќинките за соодветен третман на отпадниот зејтин.
– Намерата е да се создаде навика кај домаќинките да не го фрлаат маслото во канализација или во дворовите, туку да го третираат на овој начин со што ќе придонесат кон заштита на животната средина, изјави Хавза Реџеп Какел од општинскиот Сектор за заштита на животната средина.
Пилот-проектот за собирање на маслото од готвење од домаќинствата стартуваше минатата година, што следуваше по успешната реализација на проектот за собирање на маслото од правните субјекти што почна во 2009 година. Од рестораните и угостителските објекти во Охрид во текот на изминатите четири години собрани се 53 тони отпадно масло.