Охридско Езеро ќе куртули од прегореното масло

26/05/2013
Охриѓани правилно го одлагаат искористеното масло за домаќинства
15/05/2013
Македонски прегорен зејтин се продава во Австрија
28/05/2013

Охрид е првиот град во Македонија каде што организирано ќе се собира прегореното масло за јадење од домаќинствата, кое наместо да се фрли во канализација, ќе се преработува во странство

Ретко која домаќинка размислува за последиците од фрлањето на отпадниот зејтин во тоалетната школка – едноставно, како така да треба, по ручекот преостанатото масло завршува во канализацијата, па оттаму во реките и во езерата. Домаќинката добива празни тенџериња без многу мака, но на сметка на тоа се затнуваат цевките од канализацијата, се загадува водата, се зголемува органскиот отпад во реките, кој им го троши кислородот на рибите итн. Светот одамна од прегореното масло произведува биодизел, а ние произведуваме еколошки проблеми.

Охрид е првиот град во Македонија каде што оваа слика ќе се смени, а отпадниот зејтин од домаќинствата ќе се искористува како суровина. Општина Охрид на сопствена иницијатива спроведува пилот-проект, со кој на домаќинствата им се даваат специјални канти за собирање на зејтинот, кои подоцна ги собира овластената фирма „Суниленс“. Таа четири години го прибира прегореното масло за јадење од поголемите ресторани и хотели и го извезува во Австрија каде што се преработува во биодизел. Ова е првпат во земјава физичките лица, односно индивидуалните домаќинства организирано да предаваат прегорено масло.

– По примерот со правните лица, хотелите и рестораните, решивме да се обидеме да го собираме прегореното масло и од домаќинствата. Лани во декември на 100 домаќинства им дадовме по една кантичка од по три литри. Минатиот викенд на едно собирно место граѓаните ги донесоа полните кантички, а си зедоа празни. Имаше и други заинтересирани, кои првпат си зедоа кантичка. На некои им беше смешно сето тоа, одмавнуваа со главите, а некои госпоѓи прокоментираа дека тие дома не пржеле, па не создаваат отпаден зејтин. Идејата е да се создаде навика зејтинот да се собира за преработка, а не да се фрла во околината. Kонкретни законски одредби за ова нема, с` е оставено на добра волја, но треба самите граѓани да се свестат колку е важно да се чува животната средина – велат во одделението за животна средина во Општина Охрид.

За важноста на оваа мерка говори податокот дека од хотелите и од рестораните во Охрид од 2009 година досега се собрани 43 тони отпадно масло, кои во спротивно би завршиле во езерото.

Фирмата „Суниленс“, според нивните изјави, не собира ни 300 тони отпаден зејтин годишно, а според нивните пресметки за преработка може да се соберат околу 8.000 тони. Надлежните институции немаат одговор до кога отпадното масло од домаќинствата, остатоците од манџи и од зимници ќе се фрлаат во канализацијата. Оние што треба да го решат проблемот не се начисто ниту за каков вид отпад се работи – комунален или опасен и соодветно на тоа кој треба да го собира.

Во Министерството за животна средина велат дека за собирање на отпадните масла од домаќинствата се одговорни општините.

– Тие треба да организираат систем за примарна селекција за целиот комунален отпад вклучувајќи го и отпадниот зејтин. Дали тоа ќе го организираат преку собирни центри или со поставување посебни садови за селектирање одделни фракции од комуналниот отпад, зависи од општината – велат во Министерството.

Во јавното претпријатие „Kомунална хигиена“ од Скопје, пак, сметаат дека отпадниот зејтин е класифициран како опасен отпад и за него не се надлежни.

– Според Законот за управување со отпадот, физичките и правните лица се должни да го одделат опасниот отпад, во кој спаѓаат маслата и средствата за хигиена, од комуналниот. „Kомунална хигиена“ работи исклучително со комунален отпад според Програма за јавна чистота донесена од Советот на Град Скопје и с` додека во неа нема определено активности во таа насока, ние не можеме да постапуваме – велат во претпријатието.

Во „Водовод и канализација“ велат дека маслото од домаќинствата не е во големи количества за да прави проблеми во системот.

– Во однос на испуштањето на отпадното масло во канализациската мрежа, граѓаните кои зејтинот го фрлаат во своите веце-шолји не може да ја затнат мрежата бидејќи се работи за релативно мали количества. Но, тоа не е случај со угостителските објекти, кои вршат интензивно фрлање масло, кое се стврднува и се оформува во грутка, која може да ја затне канализацијата. За да не дојде до тоа, тие имаат обврска да вградат маслофаќачи и така преработено отпадното масло да го испуштат во канализацијата – велат во „Водовод“.

Еколошко гориво

Отпадното масло за јадење спаѓа во категоријата комунален отпад – биомаса и најчесто се користи за производство на биодизел. Биодизелот се смета за еколошко гориво, кое, освен од растителни масла, се добива и од земјоделски, индустриски и од комунален отпад. Не предизвикува ефект на стаклена градина, а може да се употребува во сите дизел-мотори.

Дневник

Ние собираме, складираме и третираме отпадни масла за јадење од хотели, ресторани, сендвичари, големи и мали потрошувачи на растителни масла низ цела Македонија.

При подигање на вашето отпадно масло за јадење доставуваме соодветна амбалажа за собирање. За да го собереме вашето отпадно масло или доколку сакате да дознаете повеќе за нашиот систем на собирање, контактирајте не и веднаш ќе ве посетиме.

slika-za-proekt-ohrid-1