Зголемување на еколошката свест и практиките за селектирање и собирање отпад кај граѓаните, како и поддршка за социјално загрозените семејства е целта на екохуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“, кој заеднички го спроведуваат овластената компанија за управување со отпадни масла и масти за јадење „Суниленс“ и Здружението „Љубезност“.
Во рамките на „Рециклирај и донирај“ се собира отпадно масло за јадење од секое домаќинство кое е заинтересирано да се вклучи во овој нов екосистем, а притоа секој собирач има можност да направи донација до социјално загрозени семесјтва.
Според одредени анализи и статистички податоци се смета дека 20-30% од количините на растителните масла за јадење остануваат како отпадни масла. Проценките покажуваат дека на годишно ниво во Македонија се создаваат неколку илјади тони отпадно масло за јадење во прехранбената индустрија и домаќинствата. Отпадното масло е голем загадувач на животната средина. Само 1 литар отпадно масло може да загади до 1 милион литри вода.
Според истражувањето на „Гоу грин“, направено во рамки на одбележувањето на Европската недела за помалку отпад, само 2 проценти од скопјани целосно го селектираат отпадот, иако високи 70 отсто сметаат дека селектирањето е важно. Анкетата спроведена на 300 испитаници од Скопје, на возраст над 18 години, покажала дека само 5,7 отсто го фрлаат сметот во посебни контејнери за селекција на отпад, додека 87% го фрлаат ѓубрето на куп, без селекција. Истовремено, речиси половина од анкетираните сметаат дека немаат услови за селектирање, а 80 проценти се сооочуваат и со недостиг на контејнери за отпад.
„Сакаме да ја подигнеме еколошката свест преку создавање ефикасен и функционален систем за собирање отпадно масло за јадење од домаќинствата. Еколошките навики се градат со создавањеа услови за собирање на отпадот, лесно достапни до граѓаните. Токму тоа е нашиот концепт. Зашто да го фрламе отпадното масло во мијалникот и одводите? Граѓаните до сега немале каде да го селектираат и отстрануваат отпадното масло. Истото завршувало во одводните цевки и ја загадувало животната средина, а притоа правело и големи штети преку затнување на мијалниците. Сега за првпат имаат можност да се запознаат со еколошкиот бенефит од собирањето и рециклирањето на отпадното масло, да бидат мотивирани да го собираат и да се запознаат со штетите од него доколку не се одлага на правилен начин. Ние сега стартуваме со селекција и собирање отпад од домаќинствата, а во земјите во ЕУ 80% од населението го собира отпадот. Токму затоа преку „Рециклирај и донирај“ добиваме шанса да применуваме позитивни еколошки практики кои треба да станат дел од нашиот секојдневен живот и да придонесат да живееме во почиста околина, да покажеме одговорност кон нашето општество и да бидеме одличен пример за најмладите“, истакнуваат од „Суниленс“.
Нивната мобилна екипа доставува 3-литарски пластични садови за безбедно и хигиенско собирање отпадно масло директно до секое домаќинство. Акцијата се спроведува низ цела Македонија и секој оној кој е заинтересиран е добредојден да се приклучи.
Откога ќе се наполни садот, собирачот ја контактира компанијата која го испраќа својот тим да ја подигне собраната количина отпадно масло и да достави нов чист сад за собирање. Како дополнителна мотивација за секој собирач, „Суниленс“ доделува половина литар Дијамант сончогледово масло за јадење за секои собрани 3 литри отпадно масло. Секој собирач одлучува дали овој половина литар сончогледово масло за јадење ќе го задржи за себе или ќе го донира во рамките на екохуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“.
Од „Суниленс“ велат дека „Рециклирај и донирај“ наидува на одличен прием кај граѓаните од целата држава.
„Системот за управување со отпадни масла во прехранбената индустрија го развиваме уште од 2009 година, а оваа година го проширивме и во делот на отпадните масла за јадење во домаќинствата. Интересот за ‘Рециклирај и донирај’ е голем и од ден на ден бројот на заинтересирани граѓани кои се јавуват да се приклучат во новиот систем за собирање отпадно масло постојано се зголемува. Целиот процес го направивме транспарентен и лесно достапен преку социјалните мрежи и нашите отворени телефони. Склучивме и договор за соработка со Здружението „Љубезност“, со кои ја почнавме реализацијата на оваа долготрајна екоиницијатива која ќе биде од бенефит за целото општество. Преку „Рециклирај и донирај“ се промовираат комплементарни хуманитарни и еколошки вредности кои ќе имаат за цел да ја зголемат свеста и мотивацијата кај населението за значаен придонес кон општествено добро од еколошки и социјален карактер“, изјави Андреј Ѓокиќ од „Суниленс“.
Тој додаде дека првите количини на собрано отпадно масло за јадење „Суниленс“ веќе почна да ги подига од домовите на граѓаните, а со тоа почнаа да се акумулираат и количини на сончогледово масло, кое „Љубезност“ ќе го донира на социјално загрозените семејства во следниов период. Од „Суниленс“ и „Љубезност“ се надеваат дека оваа екоакција ќе резултира во масовно собирање на отпадно масло од домаќинствата и голема помош кон социјално загрозените семејства.
Граѓаните можат да се вклучат во оваа акција со јавување на телефонските броеви 02/2650-100, 02/2650-600 или 070/264-444, како и со пополнување на контакт-формата достапна на следниот линк: sunilens.com.mk/kontakt .