Рециклирај и донирај: Собирање на отпадно масло од домаќинства

08/11/2017
Од отпадно масло до енергија – Вклучи се во еко акцијата на Суниленс
07/11/2017
Еко-хуманитарен проект „Рециклирај и донирај“: Собирање на отпадно масло за јадење од домаќинствата
13/11/2017

„Рециклирај и донирај“ е заеднички еко хуманитарен проект на Здружението „Љубезност“ и компанијата „Суниленс“, чија цел е зголемување на еколошките вредности и практики кај населението преку масовна акција за собирање на отпадно масло за јадење од домаќинствата, кое претставува потенцијален загадувач на сите екосистеми во природата.

Секое домаќинство што ќе собере 3 литри отпадно масло за јадење, ќе добие половина литар Дијамант сончогледово масло со можност да го донира до социјално загрозени семејства, но и за готвење на седмичните оброци од страна на „Ретвитни оброк“. Љубезност со години им помагаат на социјално загрозените семејства, додека Суниленс работат во областа на управување со отпадните масло за јадење уште од 2009 година. Откако отпадните масла ќе се соберат, минуваат низ систем на филтрација, загревање, прочистување и третман како готова еко суровина која се користи за производство на биодизел гориво во Европа.

Како што објаснува Андреј Ѓокиќ од „Суниленс“, несоодветното фрлање на отпадното масло може да предизвика големи еколошки проблеми.

„Отпадните масла за јадење се создаваат во големи количини секој ден и претставуваат голем еколошки ризик доколку не се собираат и третираат правилно. На пример, само 1 литар отпадно масло за јадење може да загади до 1 милион литри вода. Повеќекратната употреба на маслата за јадење е штетна по нашето здравје бидејќи откако маслата ќе добијат својство на отпад тие стануваат канцерогени. Од друга страна фрлањето на отпадните масла за јадење во водоводните и канализационите системи во 40% од случаите е причина за нивно затнување. Сето тоа повлекува еколошки и социо-економски проблеми во нашето општество“, појаснува Ѓокиќ.

Вклучувањето во акцијата е лесно и едноставно. Граѓаните можат да се пријават преку веб страната на „Суниленс“, нивната Фејсбук страна или пак директно преку телефоните 070 264 444 и 02 2650 100. Потоа ќе им биде доставена 3 литарска кантичка за собирање на маслото, а нивна задача е да се јават кога таа ќе биде наполнета. Мобилната екипа на Суниленс го собира отпадното масло директно од домовите на граѓаните кои ќе се вклучат во акцијата и им доставува половина литар сончогледово масло како мотивација за понатамошно собирање. Потоа граѓаните сами одлучуваат, дали ќе го задржат добиеното половина литар масло за себе, или пак ќе го донираат преку Љубезност до оние семејства на кои тоа им е најпотребно.

„Процесот на собирање не е брз и бара трпение, а исто така зависи и од навиките на готвење на секое домаќинство. За нас е најважно домаќинствата да ја собираат секоја капка отпадно масло во нашите кантички и да не контактираат кога ќе им се наполни кантичката. Периодот за кој тоа ќе го направат не ни е важен бидејќи со зголемување на бројот на собирачи и масовноста на акцијата сигурни сме дека ќе имаме редовно собирање на отпадното масло. Првите количини на собрано отпадно масло за јадење, веќе се подигнуваат од домовите на граѓаните, а со тоа почнаа да се акумулираат и количини на свежо сончогледово масло, кое здружението „Љубезност“ ќе го донира на социјално загрозените семејства во следниов период. “, вели Ѓокиќ

На овој начин, се промовираат комплементарни хуманитарни и еколошки вредности кои имаат за цел да ја зголемат свеста и мотивацијата кај населението за значаен придонес кон општествено добро од социјален и еколошки карактер.

Здружението „Љубезност“ и „Суниленс“ неодамна потпишаа Меморандум за соработка кој ќе придонесе во понатамошно продлабочување на заедничките активности.

„Со оваа еко-активност Суниленс прави голем придонес во зачувување на животната околина и зголемување на еколошката свест кај граѓаните. Покрај тоа, нивната активност не завршува тука, туку одат еден чекор понатаму – домаќинствата кои ќе одлучат да собираат отпадно масло имаат можност за секои собрани 3 литри отпадно масло, половината литар Дијамант сончогледово масло за јадење добиено од Суниленс, да го насочат кон Здружението Љубезност кое ќе го подели на социјално загрозените семејства“, појасни Тони Станковски од Љубезност.

Суниленс е компанија која има 25 годишно искуство во трговијата со рафинирани растителни масла, индустриски маргарини, прехранбени суровини и полупроизводи во Македонија. Во 2009 година Суниленс започна со собирање, складирање и третман на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло како прва овластена и лиценцирана компанија од страна на Министерството за животна средина за оваа дејност во Македонија.

Здружението Љубезност четврта година по ред работи на подобрување на животот на најсиромашните категории преку организирање на најразлични активности и настани, и иницирање на проекти со цел да им се помогне на бездомниците и социјално загрозените семејства и поединци.

Готви.мк

Ние собираме, складираме и третираме отпадни масла за јадење од хотели, ресторани, сендвичари, големи и мали потрошувачи на растителни масла низ цела Македонија.

При подигање на вашето отпадно масло за јадење доставуваме соодветна амбалажа за собирање. За да го собереме вашето отпадно масло или доколку сакате да дознаете повеќе за нашиот систем на собирање, контактирајте не и веднаш ќе ве посетиме.

slika-za-proekt-ohrid-1