Суниленс започнува еко акција за собирање на отпадни масла за јадење од домаќинствата

Отпадните масла за јадење се создаваат при приготвување на храна од страна на домаќинствата, прехранбените производители, угостителските објекти и други корисници на растителни масла. Маслата за јадење после нивната употреба добиваат својство на отпад кој претставува потенцијален загадувач на сите еко системи во природата.


Поради несоодветното отстранување на овој вид на отпад, тој претставува најчест причинител за контаминација на водата, почвата и на 1/4 од сите загадувања. Еден литар отпадно масло за јадење може да загади до еден милион литри вода, додека 40% од проблемите со затнување на канализационите одводи се предизвикани од стврднување на непрописно отстранетите отпадни масла. Исто така, маслата за јадење треба редовно да се менуваат при приготвување на храната бидејќи нивната повеќекратна употреба е штетна по нашето здравје.

Од вкупните количини на отпадни масла и масти за јадење на годишно ниво сите домаќинства заедно создаваат многу повеќе од овој отпад отколку правните лица во прехранбената индустрија. Во Македонија се проценува дека на годишно ниво се создаваат околу 8.000 тони отпадно масло за јадење. До 2009 година во нашата држава не постоеше лиценцирана компанија за собирање и управување со овој вид на отпад.

Напредок во управувањето со отпадни масла

Следејќи ги интернационалните практики на циркуларна зелена економија, во 2009 година Суниленс Дооел стана првата овластена компанија во Македонија од страна на Министерството за животна средина за извршување на дејноста собирање, транспортирање, складирање и третман на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло. Преку користење на модерен систем за управување со отпад со високо развиена логистичка мрежа и континуирана едукација на секој создавач на отпадни масла, Суниленс гарантира понатамошно искористување на енергетскиот потенцијал на овој отпад како суровина за добивање на обновлива енергија. Компанијата континуирано ги обновува сите потребни дозволи од Министерството за животна средина и поседува сертификат за квалитет на системот за собирање според ЕУ Директивата за обновлива енергија.

„Нашата упорност како компанија и вербата во овој еколошки проект се потврдува со нашите досегашни постигнати резултати. Во текот на последните 8 години Суниленс успеа да собере над 2.000 тони отпадно масло за јадење од повеќе од 800 индустриски создавачи на овој вид на отпад. Нашата ефикасна колекторска мрежа ни овозможува да собираме отпадни масла низ цела Македонија кои поминуваат низ термички процес и филтрација во нашиот систем и потоа се пласираат како еко суровина на пазарот за биодизел во Европа. Преку модерен систем на собирање, складирање и рециклирање на отпадните масла за јадење, направивме директен придонес во развојот и промоцијата на зелена економија, еколошки вредности и чиста животна средина“, изјави Андреј Ѓокиќ од Суниленс.

По примерот на европските држави, во 2012 година Суниленс го прошири овој еколошки проект и во сегментот на домаќинствата. За да придонесат во подигнување на јавната еколошката свест за селектирање и собирање на отпадните масла за јадење, компанијата реализираше заеднички пилот проект со Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при Општина Охрид, кој се состоеше од едукативно-информативен карактер и од четири заеднички акции за собирање на отпадните масла од граѓаните од градот Охрид.

Еко акција за масовно собирање на отпадни масла за јадење од домаќинствата

Следниот чекор на Суниленс е воспоставување на функционален систем за масовно собирање на отпадните масла за јадење од домаќинствата. Примарната цел е да им се овозможи на граѓаните ефикасен систем на собирање кој ќе ја подигне еколошката свест, особено кај помладите генерации за потребата од прописно собирање на отпадните масла за јадење и позитивните влијанија на ваквите практики врз животната средина.

Во месец Април, Суниленс започна со нова еко акција за собирање на отпадни масла од домаќинствата, а во план е и започнување на проект со градинките во градот Скопје.

Систем на директно собирање до секое домаќинство

Нивната мобилна екипа доставува 3 литарски пластични садови за безбедно и хигиенско собирање на отпадните масла директно до секое домаќинство кое е заинтересирано за оваа еко акција. Откога ќе се наполни садот, собирачот треба да ја контактира компанијата која го испраќа својот тим да ја подигне собраната количина на отпадно масло и да достави нов чист сад за собирање.

Суниленс доделува половина литар Дијамант сончогледово масло за јадење за секои собрани 3 литри отпадно масло како додатна мотивација за секој собирач.

Компанијата моментално работи на реализација на промотивно-едукативни активности кои ќе го претстават овој систем на собирање до секој граѓанин.

„Нашата цел е да допреме до граѓаните на начин кој ќе им овозможиме да направат директен придонес во зачувување на природата. Секое домаќинство може да направи разлика со својот начин на живот и да биде пример за своите најмлади членови како селектирањето и собирањето на отпадните масла за јадење е значајно за општеството и за сите околу нас. Важно е да се напомене дека секој литар отпадно масло за јадење кое го собираме се рециклира во процесот на производство на биодизел и придонесува до 80% намалување на штетните CO2 гасови “, изјави Игор Каевски од Суниленс.

Доколку сте заинтересирани да дознаете повеќе за оваа иницијатива и да почнете да собирате отпадни масла за јадење, контактирајте не и веднаш ќе ве посетиме.

 

Суниленс Дооел е компанија која има 25 годишно искуство во трговијата со рафинирани растителни масла, индустриски маргарини, прехранбени суровини и полупроизводи во Македонија. Во 2009 година Суниленс започна со собирање, складирање и третман на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло како прва овластена и лиценцирана компанија од страна на Министерството за животна средина за оваа дејност во Македонија.