Започна реализацијата на пилот проектот: „Учиме за собирање и рециклирање на отпадно масло за јадење“

Зголемување на еколошката свест и подобрување на системите за собирање на отпадно масло: „Суниленс“ и Здружението „Гоу Грин“ започнаа соработка
13/11/2017
Еко презентација за собирање и рециклирање на отпадно масло во СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“
14/11/2017

На почетокот на октомври 2017 година започна реализацијата на пилот проектот „Учиме за собирање и рециклирање на отпадно масло за јадење“ кој го спроведува „Суниленс ДООЕЛ“, овластена компанија за управување со отпадни масла за јадење, во соработка со „ОХО“, Здружение за едукација, комуникација и консалтинг кое изработува и имплементира еко програми и зелени стандарди во едукативниот сектор.

Пилот проектот се спроведува во детските градинки „Орце Николов“ во општина Карпош и „Корчагин“ во општина Центар. Следејќи ги примерите за еко едукација уште од најрана возраст во западните земји, овој проект има за цел да ја доближи темата за екологија – собирање и рециклирање на отпадни масла за јадење – до децата уште од најмала возраст. Ќе се состои од неколку фази на директна едукација на најмладите преку специјално дизајнирани еко материјали со ликот на Петко и едукативни активности со наставничките, како и организирање на еко акции за собирање на отпадно масло од родителите.

Главни цели на проектот и очекувани резултати:

  • Децата да научат каде треба да се истура употребеното масло, а каде не треба да се истура, како и за важноста на неговото рециклирање за обновливи извори на енергија.
  • Градење позитивни навики и однесувања кон животната средина, заштита на природата како и водење грижа за сопственото здравје преку соодветно користење на растителните масла за јадење и нивно редовно менување при готвење на храна.
  • Организирање на еко акции за собирање на отпадно масло за јадење од родителите и персоналот во градинките.

Во текот на октомври и ноември веќе се одржаа првите презентации пред родителите и дечињата во градинките од страна на претставниците на „Суниленс“ и „ОХО“.

„Веќе ги направивме првите презентации пред родителите и децата во дел од објектите на градинките и ги поделивме првите кантички за собирање на отпадно масло. Нашата цел е по реализацијата на овој еко едукативен проект, оваа активност да продолжи на долготраен рок и да ја прошириме и во другите градинки низ градот Скопје, а потоа и во основните и средните училишта. Голема благодарност до сите родители кои решија да земат учество во акцијата за собирање на отпадно масло од домаќинствата како и до директорките и персоналот во градинките“, истакнуваат од Суниленс.

sunilens-logo-final

Суниленс Дооел е компанија која има 25 годишно искуство во трговијата со рафинирани растителни масла, индустриски маргарини, прехранбени суровини и полупроизводи во Македонија. Во 2009 година Суниленс започна со собирање, складирање и третман на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло како прва овластена и лиценцирана компанија од страна на Министерството за животна средина за оваа дејност во Македонија.

oxo-logo-01

„ОХО“ е Здружение за едукација, комуникација и консалтинг кое е специјализирано во изработување и имплементација на еко програми, зелени стандарди и проекти во едукативниот сектор.