Од отпад до енергија: Ефикасното управување со отпадни масла за јадење е од голем бенефит за сите нас

Од помфрит до загадена река: Апетитот ни ја уништува природата капка по капка
08/10/2017
Еколошката свест се гради со создавање на услови, лесно достапни до граѓаните
01/11/2017

 

Во Суниленс сме горди со нашите постигнати резултати бидејќи до 2009 година воопшто не се собираа отпадните масла за јадење и истите завршуваа во одводите, како додаток во сточна храна или пак се исфрлаа во природата и по депониите низ земјава, вели Андреј Ѓокиќ во интервју за Бизнис Инфо.

БИ: Кога и како започна приказната на Sunilens?

Нашата приказна започна пред околу 25 години кога почнавме со дистрибутивна дејност во прехранбената индустрија во Македонија. Низ годините успеавме да изградиме препознатлив бренд на услуги, производи и квалитет кај секој производител во мелничко – пекарска, кондиторска, хорека, конзервна и други прехранбени индустрии во земјава. Нашата палета на производи содржи сончогледово и палмино масло за јадење, пекарски маргарини, растителни масти, сусам, сув кромид, кечап, мајонез, пекарски брашна, пекарски креми, нишесте и други основни прехранбени суровини.

Суниленс е главен увозник за Македонија на индустриската програма на Дијамант АД, додека нашето портфолио на прехранбени артикли застапува и други брендови од Италија, Србија, Малезија и Индија. Следејќи ја нашата долгорочна визија и иновативен пристап континуирано се надградуваме, напредуваме и растеме заедно со нашите клиенти. Во 2009 година изградивме нови модерни објекти со административен и логистички капацитет за нашите дејности по сите европски и HACCAP стандарди, кои се лоцирани во индустриската зона Визбегово, Скопје.

Благодарение на ефикасноста и флексибилноста во комбинација со досега стекнатото искуство, денес Суниленс има водечко место во дистрибутивната дејност во Македонија со квалитетен кадар од 27 професионално обучени вработени кои опслужуваат повеќе од 1.000 прехранбени производители. Се стремиме да создадеме идеални услови и успешна работна средина за нашите вработени што придонесува до константно подобрување на нашите услуги и техничките, оперативните и менаџерските капацитети кои ги имаме. Со над 4.500 тони прехранбени суровини што ги пласираме секоја година на македонскиот пазар, најдобар показател за успехот кој го постигнавме во оваа сфера се долгогодишните застапништва на познати брендови и довербата од страна на реномирани регионални фабрики. Остварувањето на ваквите резултати ги имаме постигнато со тимска работа и целосна посветеност кон задоволување на потребите на секој наш клиент.

Нашиот претприемачки дух и визија за иднината не застанаа тука. Во 2009 година започнавме со извршување на нова дејност во еко индустријата на управување со отпад, односно собирање, складирање и третман/рециклирање на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло. По добивањето на потребните дозволи, Суниленс стана првата овластена компанија од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање за оваа дејност во Македонија. Како пионери во управувањето со отпадни масла за јадење, инвестиравме во истражување на пазарот, нова технологија, опрема, логистика и човечки ресурси за да ги исполниме највисоките стандарди за соодветно извршување на оваа дејност.

Следејќи ги светските практики во поглед на ефикасно искористување на отпадните суровини како обновлив извор на енергија за поттикнување на зелена циркуларна економија и чиста животна средина, успеавме да создадеме модерен систем за управување со отпадни масла за јадење по највисоки европски стандарди.

Патот кон успехот во оваа индустрија не беше лесен. Но, преку напорна работа, развивање на логистичка мрежа и континуирана едукација на секој создавач на отпадни масла за јадење, прераснавме во најголемиот собирач на овој тип на неопасен отпад во Македонија. Успешното извршување на оваа дејност е поддржано со континуирано обновување на сите потребни дозволи како и сертификат за квалитет на нашиот систем според ЕУ Директивата за обновлива енергија. Преку нашите еко услуги ние преземаме одговорност за собирање, транспортирање, складирање и третман на отпадот кој останува од маслата за јадење, притоа создавајќи додатни економски и еколошки вредности од оваа еко суровина.

БИ: Што подразбира и што опфаќа процесот на управување со отпадно масло за јадење? Што се случува потоа со ова отпадно масло, каде завршува?

Процесот на управување со отпадно масло за јадење подразбира навремено и хигиенско собирање и отстранување на отпадот во специјална наменска амбалажа, издавање на транспортен формулар за секоја собрана количина, безбеден транспорт во специјални возила, соодветно складирање и професионален третман во согласност со сите законски прописи и спрема европските стандарди за одржливост на животната средина. Нашата ефикасна колекторска мрежа ни овозможува да собираме отпадни масла низ цела Македонија кои поминуваат низ термички процес, седиментација (таложење), прочистување и филтрација во нашиот систем за управување со отпад и потоа се пласираат како готова еко суровина на пазарот за биогорива во Европа.

Вршиме директна едукација и нудиме еко услуги за секој индустриски создавач на отпадни масла за јадење. Спроведуваме едукативни проекти и промотивни активности за зголемување на еколошката свест и навиките за собирање на отпадните масла кај домаќинствата.

Суниленс обезбедува садови, туби, буриња и канти за собирање на отпадните масла кои остануваат при готвење и пржење на храната и треба соодветно да се отстрануваат од страна на секој создавач. При подигање на отпадните масла за јадење, Суниленс доставува нова и чиста амбалажа за континуирано и хигиенско собирање на отпадот. Имаме високо развиена колекторска мрежа за собирање и безбеден транспорт на отпадните масла за јадење до нашиот складишен простор во Секторот за управување со отпад. Вршиме преработка и третман на отпадните масла за јадење преку современ систем на загревање, филтрирање, таложење и прочистување. Обезбедуваме транспорт на готова еко суровина за обновлива енергија до нашите клиенти кои произведуваат биодизел. Од отпадните масла за јадење кои ги собираме и третираме се произведува квалитетен биодизел од страна на реномирани европски фабрики спрема највисоките стандарди EN 14214.

БИ: Кој е импутот на Sunilens за заштита на животната средина и здравјето на луѓето?

Во последните осум ипол години собравме и преработивме над 2.300 тони отпадно масло за јадење од повеќе од 800 создавачи во прехранбената и угостителската индустрија во Македонија, што е значителен резултат за нас кој се подобрува од година во година. Собираме отпадни масла за јадење од ресторани, хотели, сендвичарници, пабови, супермаркети, производители на чипс, грицки, кондиторски и други видови на прехранбени производи. Интересот кај создавачите на отпадно масло во угостителската и прехранбената индустрија постојано расте и се зголемува, додека нашите еко услуги се барани од создавачи низ цела Македонија.

Важно е да се истакне дека секоја капка отпадно масло за јадење кое го собираме се рециклира во процесот на производство на биодизел и придонесува до 80% намалување на штетните CO2 гасови. Нашиот еко систем на собирање е во согласност со националниот Закон за управување со отпад и Законот за животна средина. Сертифицирани сме и во согласност со водечкиот ISCC EU систем и Директивата за обновлива енергија 2009/28/EC. Нашиот сектор за управување со отпад секоја година поминува низ ригорозен процес на ревизија од страна на овластена ЕУ компанија за обновување на ISCC EU сертификатот. Со овој сертификат ги исполнуваме најстрогите ЕУ стандарди кои се во согласност со законските норми за одржливост на животната средина.

Во Суниленс сме горди со нашите постигнати резултати бидејќи до 2009 година воопшто не се собираа отпадните масла за јадење и истите завршуваа во одводите, како додаток во сточна храна или пак се исфрлаа во природата и по депониите низ земјава. Исто така, преку креирање на навики кај угостителите редовно да ги менуваат маслата за јадење при подготовката на храна, создадовме еден значаен еколошки систем кој има позитивно влијание и врз нашето здравје како секојдневни корисници на готови прехранбени производи во угостителската индустрија.

БИ: Какви се штетни влијанија може да имаат отпадните масла за јадење?

Отпадните масла за јадење се создаваат во големи количини секој ден и претставуваат голем еколошки проблем доколку не се собираат и третираат правилно. Поради несоодветното отстранување на овој вид на отпад, тој претставува најчест причинител за загадување на водата, почвата и на 1/4 од сите загадувања. На пример, само еден литар отпадно масло може да загади до еден милион литри вода. Повеќекратната употреба на маслата за јадење е многу штетна по нашето здравје, додека фрлањето на отпадните масла за јадење во водоводните и канализационите системи во 40% од случаите е причина за нивно затнување. Прегореното односно отпадно масло ги загадува реките и почвата, а исто така има и канцерогени својства. Во урбаните средини каде имаме висока концентрација на население отпадното масло ги замастува цевките од канализацијата со што предизвикува нивно запушување.

Истражувања и анализи во светски рамки покажале дека секој литар употребено масло за јадење фрлено во одвод чини околу 17 евроценти по жител. На годишно ниво, водоводните компании трошат во просек 17,5 милиони евра за санирање на блокадите предизвикани од масти и масла за јадење кои се исфрлени преку одвод. Сето тоа повлекува еколошки и социо – економски проблеми во нашето општество.

БИ: Дали постои интерес кај домаќинствата за одлагање на отпадно масло за јадење?

Бидејќи во нашата земја не постоеше систем за собирање на отпадни масла од домаќинствата, ние решивме да ја прошириме нашата мрежа на собирање и да ги вклучиме и домаќинствата. Нашиот прв пилот проект за собирање од домаќинствата го почнавме кон крајот на 2012 година заедно со Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при Општина Охрид. Проектот се состоеше од едукативно – информативен карактер и од четири заеднички акции за собирање на отпадните масла од граѓаните од градот Охрид. Овој еко проект придонесе за промоција на еколошки практики за соодветно собирање на отпадните масла за јадење, додека нашата соработката со заинтересираните граѓани кои создадоа навики за селектирање и собирање на отпадните масла за јадење продолжува. За да придонесеме во континуирано подигање на јавната еколошката свест за селектирање и собирање на отпадните масла за јадење, оваа година започнавме нова ако акција за директно собирање на отпадно масло од домаќинствата заедно со комплементарниот пилот проект со Здружението Љубезност под мотото Рециклирај и донирај.

Со овие еко иницијативи сакаме да им овозможиме на граѓаните ефикасен систем на собирање што ќе ја подигне еколошката свест, особено кај помладите генерации за потребата од прописно собирање на отпадните масла за јадење и нивно предавање на овластен собирач, како и за позитивните влијанија на ваквите практики врз животната средина. Секое домаќинство може да направи разлика со својот начин на живот и да биде пример за своите најмлади членови како селектирањето и собирањето на отпадните масла за јадење е значајно за општеството и за здравјето на сите околу нас.

Приклучувањето во акцијата е лесно и едноставно. Граѓаните можат тоа да го направат преку контакт формата на веб страната https://sunilens.com.mk/ или пак директно да нè побараат на 070 264 444 или на 02 2650 100. Акцијата ја спроведуваме низ цела Македонија и секој оној кој е заинтересиран е добредојден да се приклучи. Нашата мобилна екипа доставува три литарски специјални пластични садови за безбедно и хигиенско собирање на отпадните масла директно до секое домаќинство. Откога ќе се наполни садот, собирачот треба да нè контактира за да го испратиме нашиот тим да ја подигне собраната количина на отпадно масло и да достави нов чист сад за собирање. При секое собирање на три литри отпадно масло, доделуваме половина литар Дијамант сончогледово масло како додатна мотивација за секој собирач. Собирачот може да одлучи да си го задржи маслото или пак да го донира преку Љубезност во рамките на акцијата Рециклирај и донирај.

Преку акцијата Рециклирај и донирај опфаќаме еден важен хуманитарен аспект, каде му овозможуваме на секој собирач да направи донација, односно да го донира добиеното сончогледово масло од Суниленс, преку Љубезност до оние категории на граѓани на кои тоа им е најпотребно, како и за готвење на седмичните оброци од страна на Ретвитни оброк. На овој начин, ќе се промовираат комплементарни хуманитарни и еколошки вредности кои ќе имаат за цел да ја зголемат свеста и мотивацијата кај населението за значаен придонес кон општествено добро од социјален карактер. Веќе почнаа да нè контактираат голем број на семејства и поединци кои се вклучија во оваа еко – хуманитарна акција. Првите количини на собрано отпадно масло за јадење, веќе почнавме да ги подигаме од домовите на граѓаните, а со тоа почнаа да се акумулираат и количини на свежо сончогледово масло, кое Љубезност ќе го донира на социјално загрозените семејства во следниов период. Се надеваме дека оваа еко акција ќе резултира во масовно рециклирање на отпадно масло и голема помош кон социјално загрозените семејства.

БИ: Кои се предизвиците со коишто се соочувате во секојдневното работење?

Секако, ниедна индустрија не е без предизвици, па и управувањето со отпадно масло не е исклучок. Во изминатите години се соочувавме со нелојална конкуренција која го собираше отпадното масло на несоодветен начин и притоа не се знаеше каде завршува тоа масло или пак завршуваше како додаток во сточна храна. Имавме и случаи каде ни беше крадена нашата амбалажа и беа подигнувани количини на масло во наша амбалажа од нашите клиенти. Сепак, со професионализам во работењето, континуирано присуство на терен и коректен однос кон секој создавач на отпадно масло, успеавме да ги решиме сите тие проблеми. Од друга страна, постојано работиме на зголемување на еколошките вредности и навиките за менување на маслата за јадење кај сите производители на храна и корисници на масла. Правните лица имаат законска обврска да го собираат, складираат и предаваат отпадното масло на овластен собирач за оваа дејност. Во последните неколку години, навистина има напредок во циклусите на менување на растителните масла кај производителите. Сепак, сè уште има простор за подобрување на овие еколошки практики преку зголемување на фреквенцијата на менување на маслата за јадење кои ги применуваат правните лица при подготовката на храна. Би се зачудиле ако ви напоменам дека сè уште има познати скопски ресторани и сендвичарници кои не го менуваат маслото или тоа го прават многу ретко. На пример, во една позната скопска сендвичарница која опслужува огромен број на луѓе секој ден, ни предаваат отпадно масло во минимални количини со образложение дека немаат. Kога ги прашавме како ги користат фритезите и како е можно да немаат отпадно масло, ни одговорија дека пржат на специјално палмино масло, а кога количеството ќе се намали во фритезите, само ги надополнуваат. Замислете колку пати е прегорен тој зејтин и што јадеме? Помфрит или нешто друго? Ваквите проблеми во западните земји се решаваат со мерачи за маслото за јадење, кои се користат од страна на инспекциските служби. Тие се потопуваат во маслото и читаат податоци за неговиот квалитет и моментална состојба. Бидејќи има утврдени параметри и едници спрема кои се знаат дозволените вредности на маслото во кое се пржи храната, овој процес лесно може да утврди колку масло троши еден угостителски објект и колку често го менува.

БИ: Во која насока во иднина планирате да се движи Вашата компанија?

Нашата визија е да продолжиме со нашиот придонес во развојот на циркуларна економија која ќе ги замени сегашните економски практики каде ресурсите се користат линеарно и еднонасочно со економски систем каде собирањето, преработката и рециклирањето на ресурсите имаат висока вредност. Овој пристап ја зголемува продуктивноста на општеството, ја намалува потребата за користење на комплетно нови ресурси и овозможува подобро решавање на проблемите со недостатокот на ресурси што се предвидува во иднина. Ќе продолжиме со нашите активности и проекти за зголемување на еколошката свест кај индустриските создавачи и домаќинствата за правилно собирање на отпадните масла за јадење и искористување на нивните високи енергетски својства.

Процесот на собирање не е брз и бара трпение, а исто така зависи и од навиките на готвење на секое домаќинство. За нас е најважно домаќинствата да ја собираат секоја капка отпадно масло во нашите кантички и да нè контактираат кога ќе им се наполни кантичката. Периодот за кој тоа ќе го направат не ни е важен бидејќи со зголемување на бројот на собирачи и масовноста на акцијата сигурни сме дека ќе имаме редовно собирање на отпадното масло. Исто така, во процес сме и на отпочнување на пилот проект за еко едукација во поглед на отпадните масла за јадење со две градинки од градот Скопје, а планираме да ја прошириме нашата мрежа на соработка и со други организации и проекти за отпадно масло.

Секако, инвестиција во инфраструктура за собирање на локално и национално ниво, едукативни кампањи и информирање на населението, подобрување на регулативите и правилниците за управување со отпадно масло по примерот на ЕУ од страна на нашите надлежните институции, општини и министерства би биле од голема помош за нас, за самата индустрија за отпадно масло како и за самата еко состојба на земјата.

Управувањето со отпадни масла за јадење ја прошири нашата визија кон изнаоѓање на нови начини и технологии за искористување на енергетските својства на отпадните суровини. Нашите следни чекори може да вклучат и инвестиција во системи за управување со други видови на отпад како и проширување на нашите постоечки системи.

Извор: bi.mk

Ние собираме, складираме и третираме отпадни масла за јадење од хотели, ресторани, сендвичари, големи и мали потрошувачи на растителни масла низ цела Македонија.

При подигање на вашето отпадно масло за јадење доставуваме соодветна амбалажа за собирање. За да го собереме вашето отпадно масло или доколку сакате да дознаете повеќе за нашиот систем на собирање, контактирајте не и веднаш ќе ве посетиме.

slika-za-proekt-ohrid-1