Општинскиот Сектор за урбанизам и заштита на животната средина од Охрид ја заокружи втората фаза од пилот-проектот за собирање отпадно масло од домаќинствата.
Овластени претставници на фирмата „Суниленс“, која има дозвола за собирање, складирање и третман на тој вид отпад вчера го собираа отпадното масло од домаќинствата на кои претходно им беа доделени канти за собирање, при што полните канистери ги заменуваа со празни за граѓаните што ќе го собираат маслото во наредниот период.
Од Секторот се задоволни од одзивот на граѓаните и создавање навики кај домаќинките за соодветен третман на отпадниот зејтин.
– Намерата е да се создаде навика кај домаќинките да не го фрлаат маслото во канализација или во дворовите, туку да го третираат на овој начин со што ќе придонесат за заштита на животната средина – изјави Хавза Реџеп Kакел од општинскиот Сектор за заштита на животната средина.
Проектот за собирање на маслото за готвење од домаќинствата почна лани и следуваше по успешната реализација на проектот за собирање на маслото од правните субјекти, кој почна во 2009 година. Од рестораните и угостителските објекти во Охрид во изминатите четири години се собрани 53 тони отпадно масло.