Од помфрит до загадена река: Апетитот ни ја уништува природата капка по капка

Екологија, економија и хуманост – акција за собирање на употребеното масло за јадење
05/10/2017
Од отпад до енергија: Ефикасното управување со отпадни масла за јадење е од голем бенефит за сите нас
20/10/2017

Искористеното масло за јадење е сериозен загадувач и поради тоа се препорачува да не се фрла во одводот туку да се чува во посебни садови

Помфрит во фритеза, пржени лепчиња, или пржени ќофтиња – сето тоа е многу вкусно, ама бара и многу масло. Пржиме и маслото го фрламе најчесто во домашниот одвод. За штетата од вака обработената храна има многу дебати, но за тоа што си правиме со фрлањето на отпадното масло многу малку се знае.

Впрочем домаќинствата се меѓу субјектите кои во земјава користат малку масло. Повеќе го употребуваат сендвичарниците, рестораните. Сите кои го фрлаат најверојатно не знаат овој вид отпад е најчест причинител за загадување на водата и на почвата и е една четвртина од сите загадувања. Познато е дека само еден литар отпадно масло може да загади до еден милион литри вода. Од друга страна, фрлањето на отпадните масла за јадење во водоводните и канализационите системи во 40 отсто од случаите е причина за нивно затнување, по што еколошкиот проблем станува уште поголем. Има и решение, но и други факти кои може барем малку да ги поттикнат граѓаните наместо да го фрлаат, употребеното масло да го собираат.

ИМА НАЈМАЛКУ ПЕТ ПРИЧИНИ ЗА ЗАГРИЖЕНОСТ

Ако во вашиот одвод фрлите и само една капка искористено масло за јадење треба да знаете дека има најмалку пет причини да бидете загрижени.

Отпадните масла го затнуваат одводот затоа што откако ќе се употребат и ќе се фрлат се стврднуваат и со време се наталожуваат во цевките, по што може да се блокира и јавниот одвод.

Ако се блокира одводот, доаѓа до протекување или назад кон домовите и надвор во околината што е едно сериозно загадување на околината.

Ако употребените масла за јадење се мешаат со комуналниот или друг вид отпад, ризикот од загадување на природата преку протекување на отпадот значително се зголемува

Акумулацијата на отпадни масла за јадење во цврста состојба врз почвата го попречува протокот на вода и воздух и негативно влијае на растителниот свет.

Маслото е полесно од водата и има тенденција да се шири во тенки и широки мембрани. Отпадното масло за јадење фрлено во канализационен одвод може да се излие во реките и езерата и сериозно да го загади нивниот еко систем но и да предизвика катастрофа за растенијата и за животните.

КАДЕ ДА СОБИРАТЕ

Во Македонија веќе има компании со лиценци за собирање, складирање, преработка и третман на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло. Во „Суниленс“, која е ваква прва овластена компанија велат дека иако бавно, кај граѓаните и кај индустриските објекти се зголемува интересот за собирање на отпадното масло. Велат дека од 2009 година наваму собрале над 2.300 тони отпадно масло за јадење од повеќе од 800 индустриски создавачи на овој вид на отпад.

„Собираме отпадни масла за јадење од ресторани, хотели, сендвичари, пабови, супермаркети, производители на чипс, грицки, кондиторски и други видови на прехранбени производи. Интересот кај создавачите на отпадно масло во угостителската и преханбената индустрија постојано расте и се зголемува“, вели Андреј Ѓокиќ од „Суниленс“.

Ѓокиќ вели дека до 2009 година никој во земјава не собирал отпадни масла, па тие завршувале во одводите, како додаток во сточна храна или пак се исфрлалe во природата и по депониите низ земјава, три варијатни кои се доста опасни. Инаку угостителските објекти кои собираат масла добиваат специјална наменска амбалажа, а транспортот и обработката го врши фирмата која за тоа има лиценца. Ѓокиќ вели дека имаат колекторска мрежа и тим кој влијаел кај угостителите ем да го собираат, но и да не го користат веќе употребено масло за јадење.

Тоа може да го прават и граѓаните на ист принцип со складирање на искористеното масло во посебна трилитарска кантичка. Кога ќе ја наполните добивате нова. „Суниленс“ на овој проект му дава и хуманирана боја па во посебна акција, секој што ќе собере три литри масло, добива половина литар ново масло што може да го задржи или да го донира.

СОБРАНОТО МАСЛО СЕ ПРЕРАБОТУВА

Маслото кое е собрано се преработува во биодизел гориво.

„Секоја капка отпадно масло за јадење што ќе се собере се рециклира во процесот на производство на биодизел и придонесува до 80 отсто намалување на штетните CO2 гасови. Имено, количините на отпадно масло кои ги собираме подлежат на преработка и третман преку загревање, филтрирање, таложење и прочистување во нашиот систем на управување со отпадно масло. Потоа, обезбедуваме транспорт на готова еко суровина за обновлива енергија до реномирани фабрики во Европа кои произведуваат биодизел по највисоките европски стандарди“, вели Ѓокиќ.

Биодизелот е обновлив и одржлив извор на енергија кој не содржи сулфур. Поради својата биоразградлива природа и ниски емисии на штетни гасови, биодизелот е корисен за природата.

УШТЕ НЕКОЛКУ ФАКТИ

Истражувања и анализи во светски рамки покажале дека:

Секој литар употребено масло за јадење фрлено воодвод чини околу 17 евроценти по жител.
На годишно ниво водоводните компании трошат во просек 17,5 милиони евра за санирање на блокадите предизвикани од масти и масла за јадење кои се исфрлени преку одвод.
Еден литар употребено масло за јадење има енергетски својства кои можат да се искористат за работа на телефонски полнач од 1.000 часа.
Со еден литар употребено масло за јадење може да се создаде доволно енергија за да се направат 240 шолји кафе.

Newsroom.mk

Ние собираме, складираме и третираме отпадни масла за јадење од хотели, ресторани, сендвичари, големи и мали потрошувачи на растителни масла низ цела Македонија.

При подигање на вашето отпадно масло за јадење доставуваме соодветна амбалажа за собирање. За да го собереме вашето отпадно масло или доколку сакате да дознаете повеќе за нашиот систем на собирање, контактирајте не и веднаш ќе ве посетиме.

slika-za-proekt-ohrid-1