Интервју – Еколошката свест се гради со создавање на услови, лесно достапни до граѓаните

Еколошката свест се гради со создавање на услови, лесно достапни до граѓаните
01/11/2017
За маслото да не прска при пржење – има лесен трик, нема да се горите повеќе
04/11/2017

Во последните 8 ипол години успеавме да собереме и преработиме над 2300 тони отпадно масло за јадење, вели Андреј Ѓокиќ, менаџер на компанијата Суниленс по повод отпочнувањето на акцијата „Рециклирај и донирај“

Неодамна почна акцијата „Рециклирај и донирај“ како резултат од соработката помеѓу компанијата „Суниленс“ и  здружението „Љубезност“ чија цел е секоја капка отпадни масла од домаќинствата да се собере и рециклира, односно да заврши како готова еко суровина во производството на биодизел, наместо да се фрла во одводите и во природата. Хуманитарниот дел од акцијата се должи на можноста секој собирач да направи донација на сончогледовото масло кое од „СУниленс“ го доделуваат како мотивација за собирањето, до социјално загрозени семејства преку здружението „Љубезност“.

За акцијата и воопшто за еко-мисијата на оваа компанија чија основна дејност е трговијата со рафинирани растителни масла, индустриски маргарини, прехранбени суровини и полупроизводи, разговаравме со менаџерот на Суниленс Андреј Ѓокиќ.

Кажете нешто накусо за компанијата и кога, како и зошто почна вашиот ангажман во прилог на екологијата?

Како компанија опслужуваме широк спектар од над 1000 производители во мелничко-пекарската, кондиторската, конзервната и други прехранбени индустрии. Суниленс е главен увозник за Македонија на индустриската програма на Дијамант АД, додека нашето портфолио на прехранбени артикли застапува и други брендови од Италија, Србија, Малезија и Индија. Со создавање на нови европски стандарди и услови за работа, направивме уште еден чекор напред и во 2009 година отпочнавме со проширување на нашите активности во нова дејност, односно во полето на екологијата. Инвестиравме во современа технологија, опрема, логистички и човечки ресурси за отпочнување на нов еколошки систем за собирање, транспорт, складирање и третман/преработка на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло. Создадовме услови за извршување на оваа нова еко дејност по примерот на развиените европски зелени економии. По добивањето на потребните дозволи, Суниленс стана првата овластена компанија за управување со отпадни масла за јадење од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање во Македонија.

Идејата за проширување на нашите активности во доменот на екологијата потекнува од сопственикот на компанијата, а клучен и одлучувачки момент за ваквата одлука одигра фактот што нашата компанија продава и доставува растително и палмино масло за готвење до нашите коминтенти низ целата држава. Врз основа на количините кои ние на годишно ниво ги продаваме, дојдовме до одредени првични показатели за количините на отпадно масло кои се создаваат само од она што ние го продаваме. Тоа беше појдовна точка во реализацијата на овој еко проект со проекција за негова прогресија ако се земат предвид и сите други создавачи на овој отпад на ниво на целата држава. Отпадот кој останува после употребата на маслата и мастите за јадење завршува во одводите и во природата а истиот е голем загадувач на животната средина. Создавачите на овој отпад немаа каде соодветно да го селектираат и одлагаат. Тоа беше мотото и инспирацијата за реализација на нашата првична идеја.

Патот од идејата, истражувањата на пазарот и направената инвестиција до реализацијата на овој проект не беше лесен. За разлика од високо развиената еколошка свест во европските земји за овој вид на отпад, кај нас процесот одеше побавно и беше потребно многу време. Преку напорна работа, развивање на логистичка мрежа и континуирана едукација на секој индустриски создавач на отпадни масла за јадење, Суниленс прерасна во најголемиот собирач на овој неопасен отпад во Македонија.

Како се проценува штетноста на отпадните масла за јадење во вкупната слика на еко загадувачи?

Во поглед на штетноста на отпадните масла за јадење можам да го кажам следново. Отпадните масла за јадење се создаваат во големи количини секој ден и претставуваат голем еколошки проблем доколку не се собираат и третираат правилно. Поради несоодветното отстранување на овој вид на отпад, тој претставува најчест причинител за загадување на водата, почвата и на 1/4 од сите загадувања. На пример, само 1 литар отпадно масло може да загади до 1 милион литри вода. Повеќекратната употреба на маслата за јадење е штетна по нашето здравје, додека фрлањето на отпадните масла за јадење во водоводните и канализационите системи во 40% од случаите е причина за нивно затнување. Во урбаните средини каде имаме висока концентрација на население отпадното масло ги замастува цевките од канализацијата со што предизвикува нивно запушување. Прегореното односно отпадно масло ги загадува реките и почвата а исто така има и канцерогени своства. Истражувања и анализи во светски рамки покажале дека на годишно ниво водоводните компании трошат во просек 17,5 милиони евра за санирање на блокадите предизвикани од масти и масла за јадење кои се исфрлени преку одвод. Сето тоа повлекува еколошки и социо-економски проблеми во нашето општество. Во последните 8 ипол години успеавме да собереме и преработиме над 2300 тони отпадно масло за јадење од прехранбената и угостителската индустрија во Македонија. Ако се има предвид дека овие количини на отпад претходно завршувале во животната средина како голем загадувач, повеке од видливо е каков е нашиот придонес во екологијата.

Ние сме постојано во тек со практиките на европските земји и по нивниот пример од месец мај оваа година напорно работиме на промоција и реализација на нов систем за собирање на отпадните масла за јадење од домаќинствата како и на различни едукативни еко акции и проекти во соработка со невладини организации. Ако се имаат предвид анализите за бројот на домаќинства и проекција на количините на отпадно масло кои се создаваат секојдневно со приготвување на храна, тогаш повеќе од јасно е дека реализацијата на оваа еко акција ќе биде од голем бенефит за животната средина. Во тој поглед, нашата цел е да им овозможиме на граѓаните ефикасен систем на собирање на отпадно масло кој ќе ја подигне еколошката свест и општествената одговорност кон животната средина, особено кај помладите генерации за потребата од соодветно собирање на отпадните масла за јадење и нивно предавање на овластен собирач.

Од каде идејата за соработка со невладината „Љубезност“, каде го најдовте заедничкиот интерес и како напредува досега оваа акција?

Нашата соработка со „Љубезност“, кое напорно работи кон обезбедување на помош за социјално загрозени семејства во Македонија, започна уште од aприл оваа година кога почнавме континуирано да донираме сончогледово масло за јадење. Така се роди и идејата заедно да почнеме еден нов еко хуманитарен пилот проект, во рамките на нашиот нов систем за собирање на отпадно масло од домаќинствата.

Приклучувањето во еко акцијата за собирање на отпадно масло од домаќинствата е лесно и едноставно. Граѓаните можат тоа да го направат преку нашата веб страна www.sunilens.com.mk, преку Фејсбук страната или пак директно да не побараат на нашите телефонски броеви. Нашата мобилна екипа доставува 3 литарски специјални пластични садови за безбедно и хигиенско собирање на отпадните масла директно до секое домаќинство. Откога ќе се наполни садот, собирачот треба да не контактира за да го испратиме нашиот тим да ја подигне собраната количина на отпадно масло и да достави нов чист сад за собирање. Притоа при секое собирање на 3 литри отпадно масло, доделуваме половина литар сончогледово масло како додатна мотивација за секој собирач. Собирачот може да одлучи да си го задржи маслото за себе или пак да го донира преку Љубезност во рамките на акцијата “Рециклирај и донирај“.

Веќе почнаа да не контактираат голем број на семејства и поединци кои се вклучија во оваа еко-хуманитарна акција. Првите количини на собрано отпадно масло за јадење, веќе почнавме да ги подигаме од домовите на граѓаните, а со тоа почнаа да се акумулираат и количини на свежо сончогледово масло, кое „Љубезност“ ќе го донира на социјално загрозените семејства во следниов период.  Се надеваме дека оваа еко акција ќе резултира во масовно селектирање и собирање на отпадно масло и голема помош кон социјално загрозените семејства.

Мислите дека ова може кај нас да стане редовна практика или ќе биде само со краткотраен рок, додека трае акцијата и еуфоријата, како што е со повеќето работи во Македонија?

Од ден на ден бројот на заинтересирани граѓани кои се јавуват да се приклучат во новиот систем за собирање од домаќинства и акцијата „Рециклираји донирај“ се зголемува. Нивните реакции и поддршката се позитивни и ја поздравуваат реализацијата на ваквата еко идеја. Со ова се потврдува дека кај граѓаните има развиена еколошка свест, но досега навистина немале каде да го одлагаат отпадното масло. Од коментарите кои ги оставаат на социјалните мрежи и од секојдневната комуникација со нив очекуваме голем одзив бидејќи самите изјавуваат дека до сега немале каде да го фрлаат овој отпад. Одиме од врата до врата, правиме промоции, делиме информативен материјал и на секој начин се трудиме да ја прошириме оваа акција. Нашето искуство од досегашната имплементација на системот за управување со отпадни масла на ниво на сите индустриски и угостителски објекти ни дава оптимизам дека и овој нов проект за собирање на отпадното масло од домаќинствата ќе биде успешен и ќе даде позитивни резултати.

Убедени сме дека ќе успееме да допреме до секое домакинство, да го побудиме интересот кај граѓаните и да влијаеме на подигање на еколошката свест и општествената одговорност. Ако тоа стана практика кај индустриските создавачи, веруваме дека ќе стане редовна навика и кај домаќинствата. Времето ќе покаже дали оваа еко акција и инвестиција ќе ги дадат посакуваните резултати.

Според вашите искуства, колку време е потребно за да се наполни кантичката од 3 литри и каков е одзивот кај граѓаните?

Просекот на собирање на 3 литри отпадно масло се проценува дека е околу 2-3 месеци, но секако зависи од навиките за готвење на секое домаќинство и начинот на исхрана. Имаме и домаќинства кои успеваат да соберат и за еден месец. Тоа зависи од повеке фактори. Колку се готви, колку членови има семејството, дали при секое готвење се собира во кантичката и за кој период од годината станува збор. Инаку сакам да напоменам дека во поглед на едукацијата за отпадните масла за јадење, со Go Green – Биди Зелен, здружението на граѓани за одржлив развој и заштита на животната средина, неодамна започнавме соработка за заедничко дејствување во поглед на подигнување на еколошката свест за собирање на отпадно масло за јадење од домаќинствата, подобрување на системите за селектирање, собирање и рециклирање на отпадно масло од населението, како и взаемна поддршка на тековните проекти за отпадно масло кои ги реализираме. Во рамките на проектот „Од масло до енергија“, Go Green – Биди Зелен ќе спроведе теренско истражување за перцепцијата и практиките на селектирање и собирање на отпад во домаќинствата – со фокус на отпадните масла за јадење – во градот Скопје.

Каква е вашата соработка со училиштата и градинките и други установи во кои се готви и кои имаат поголема количина отпадно масло, дали соработувате со сите или се уште има такви кои не ја прифаќаат одговорноста?

Готвењето, односно пржењето на храна со растителни масла е малку застапено во градинките. Имаме разговарано на оваа тема со повеќе градинки уште пред неколку години и добивме информации дека многу малку се припрема пржена храна. Секако, ние веднаш ќе доставиме амбалажа доколку некои од градинките се заинтересирани за тоа и имаат потреба од нашите еко услуги. Според нашите анализи и следејќи ги примерите за еко едукација уште од најрана возраст во западните земји, во октомври започнавме еден нов еко едукативен пилот проект со две градинки во градот Скопје. Заедно со ОХО, кои се специјализирани во изработување и имплементација на еко програми и зелени стандарди во едукативниот сектор, го започнавме пилот проектот „Учиме за собирање и рециклирање на отпадно масло за јадење“ во детските градинки „Орце Николов“ во општина Карпош и „Корчагин“ во општина Центар. Овој пилот проект има за цел да ја доближи темата за екологија – собирање и рециклирање на отпадни масла за јадење – до децата уште од најмала возраст. Ќе се состои од неколку фази на директна едукација на најмладите преку специјално дизајнирани еко материјали со ликот на Петко и едукативни активности со наставничките, како и организирање на еко акции за собирање на отпадно масло од родителите. Веќе ги направивме првите презентации пред родителите и децата во дел од објектите на градинките и ги поделивме првите кантички за собирање. Нашата цел е по реализацијата на овој еко едукативен проект, оваа активност да продолжи на долготраен рок и да ја прошириме и во другите градинки низ градот Скопје, а потоа и во основните и средните училишта.

Каде завршува амбалажата во која ви го доставуваат отпадното масло откако ќе ја испратите нивната содржина на натамошна обработка и доколку станува збор за пластична амбалажа, нели нивната употреба е исто така штетна и нееколошка?

Амбалажата откако се враќа во нашиот погон, се празни од отпадот кој влегува во процес на филтрирање, таложење, загревање и прочистување, а потоа поминува низ систем на длабинско перење и сушење и повторно се употребува. Амбалажата е обележана со налепница од нашата компанија како овластен собирач на овој отпад. После повеќекратна употреба, амбалажата се заменува со нова. Имаме континуиран процес на замена и инвестирање во нова амбалажа. Старата амбалажа која е веќе неупотреблива ја одлагаме на соодветните собирни места кои се овластени понатаму да постапуваат со неа во согласност со својствата на овој отпад. Ние ги следиме практиките на европските земји како Австрија и Италија според кои како најсоодветна амбалажа за собирање на отпадното масло за јадење се користат пластични туби и канти.

Верувате ли дека нашиот менталитет е на нивото кое е потребно за да дојдеме до оној степен во областа на заштитата на природата по пат на рециклирање на отпад каков што, на пример, во Данска, постоеше уште во 92-та па и порано? И како да се делува врз свеста на луѓето, бидејќи е очигледно дека е таа многу ниска кога станува збор за екологијата?

Еколошката свест се подига и гради со создавање на услови за собирање и рециклирање на отпадот, лесно достапни до граѓаните. Токму тоа е нашиот концепт. Граѓаните досега немале каде да го селектираат и фрлаат  отпадното масло па истото завршувало во одводните цевки и ја загадувало животната средина. Сега за прв пат имаат можност да се запознаат со еколошкиот бенефит од отпадното масло, да бидат мотивирани да го собираат и да се запознаат со штетите од него доколку не се одлага на правилен начин. Ова укажува дека едукацијата и ваквите еко акции влијаат на подигање на еколошката свест кај населението и менталитетот постепено почнува да се менува. Ние сега стартуваме со селекција и собирање на овој отпад, а во земјите во ЕУ 80% од населението го враќа овој отпад. На пример, во Австрија постојат собирни центри во секоја општина каде што граѓаните сами доаѓаат да го носат селектираниот отпад од својот дом, како хартија, пластика и друг отпад, меѓу кои и отпадно масло за јадење. Општината потоа соработува со приватниот сектор и овластените компании за да го предаде отпадот кој понатаму се третира и рециклира.

Примерот на високо развиените економии треба да ни биде поттик да продолжиме со работа и да не се откажуваме. Од некаде треба да се почне и ова е токму тој момент. Едукацијата која ја спроведуваме е многу важна. Потребно е време, но веруваме дека нашата визија ќе стане реалност. Данска започнала во 1992 година.и во оваа дејност континуирано се инвестира. Ние почнавме во 2009 година и досега имаме постигнато одлични резултати во подигање на еколошката свест што се потврдува од досега собраните количини на отпад. Сега продолжуваме со нови еко акции да постигнеме позитивни резултати и промени и кај домаќинствата. Ако во Словенија може да се собираат околу 2000 тони отпадно масло на годишно ниво, зашто не би можеле и ние да ги постигнеме овие еко резултати во општеството. Мора да веруваме и да работиме и убедени сме дека во однос на рециклирањето на отпадното масло за јадење во иднина ќе ги постигнеме посакуваните резултати и полека ќе се приближиме до еколошките стандарди на европските држави. За крај сакам да напоменам дека целата инвестиција за реализација на овој проект е сопствена инвестиција на компанијата Суниленс. Во земјите од ЕУ ваквите проекти се подржани и од надлежните институции и државата.

Драгица Христова

Арт Кујна

Ние собираме, складираме и третираме отпадни масла за јадење од хотели, ресторани, сендвичари, големи и мали потрошувачи на растителни масла низ цела Македонија.

При подигање на вашето отпадно масло за јадење доставуваме соодветна амбалажа за собирање. За да го собереме вашето отпадно масло или доколку сакате да дознаете повеќе за нашиот систем на собирање, контактирајте не и веднаш ќе ве посетиме.

slika-za-proekt-ohrid-1
Print Friendly, PDF & Email