Отварање на Европската недела за помалку отпад: Јавна дебата – Дали го селектираме отпадот во нашите домови?

Отварање на Европската недела за помалку отпад: Јавна дебата – „Дали го селектираме отпадот во нашите домови?“
23/11/2017
Што може да научиме кај баба и дедо дома?
24/11/2017

На 20 ноември започна „Европската недела за помалку отпад“ (European Week for Waste Reduction) со Јавната дебата “Дали го селектираме отпадот во нашите домови?” која се одржа во ЕУ Инфо Центарот во Скопје. На настанот присуствуваа Амбасадорот на Република Франција, Министерството за животна средина и просторно планирање, Здружението „Гоу Грин“,  „Суниленс ДООЕЛ“ – овластена компанија за управување со отпадни масла за јадење и Здружението „Љубезност“.

Амбасадорот на Република Франција, Х.Е. Кристијан Тимоние и Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање на РМ, Јани Макрадули го отворија настанот со своите поздравни говори.

Амбасадорот Кристијан Тимоние нагласи дека рециклирањето е значајно за Македонија и дека оваа проблематика ќе се решава во соработка со француски општини, од кои може да се искористи искуството. Целта е, рече амбасадорот, со правилното третирање на отпадот Скопје да се крене на ниво на најмодерните европски градови во оваа област. Според него власта во Македонија сериозно е вклучена во реализирање на третирањето на отпадот и заштитата на животната средина и дека тоа, меѓу другото, се гледа и со ратификувањето на парискиот договор за климата.

„Мотото на годинешново одбележување е повторно користење и намалување. Влегуваме во нова пресвртница во Македонија, во која селектирањето на отпадот ќе биде онака како што е правилно и пропишано по ЕУ стандардите. Се разбира дека промената на навиките треба да дојдат од секој од нас. Владата е подготвена да го демонстрира преку сопствениот пример и ќе почне масовно третирање на отпадот како што е пропишано, од аспект да го редуцира и повторно да се користи“, истакна заменик министерот Макрадули.

Тој вети дека Владата на Република Македонија ќе ги поддржи компаниите кои го рециклираат отпадот и дека со тоа ќе се придонесе за, како што рече, она што е најгорчлив проблем, а тоа е аерозагадувањето.

Антонио Јовановски, Извршен директор на „Гоу Грин“ ги презентираше резултатите од истражувањето за селектирање на отпадот во градот Скопје со фокус на отпадните масла за јадење, во рамките на проектот #ОдМаслодоенергија. Овие резултати и анализи за перцепциите на граѓаните во поглед на селектирањето и собирањето на отпадот во градот Скопје се од значаен интерес за јавноста, институциите и компаниите и ќе послужат за креирање на нови како и подобрување на постоечките системи за управување со отпадот.

Андреј Ѓокиќ, менаџер во „Суниленс ДООЕЛ“, ги презентираше позитивните практики во управувањето со отпадните масла и масти за јадење од нивното досегашно искуство во прехранбената индустрија, како и новиот систем за собирање на отпадно масло од домаќинствата кој го спроведуваат низ цела Македонија.

Тони Станковски, Претседател на „Љубезност“ говореше за еко-хуманитарната акција #рециклирајидонирај која се спроведува од страна на „Суниленс“ и „Љубезност“ како и за првичните позитивни резултати во поглед на собирањето на отпадно масло и донациите на сончогледово масло од домаќинствата кои досега се вклучија во оваа еко акција.

На настанот се отворија доста корисни дискусии кои дадоа одговори на многу прашања поставени од страна на публиката за селектирањето и собирањето на отпадот во домаќинствата како и за системите за собирање на отпадно масло за јадење. Се поделија и преку 20 кантички за собирање на отпадно масло до присутните гости кои се вклучија во еко акцијата „Рециклирај и донирај“.

sunilens-logo-final

Суниленс Дооел е компанија која има 25 годишно искуство во трговијата со рафинирани растителни масла, индустриски маргарини, прехранбени суровини и полупроизводи во Македонија. Во 2009 година Суниленс започна со собирање, складирање и третман на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло како прва овластена и лиценцирана компанија од страна на Министерството за животна средина за оваа дејност во Македонија.

logo-european-week

Европската недела за намалување на отпадот (EWWR) е иницијатива насочена кон промовирање на дијалог и активности за подигање на свеста за одржливо управување со ресурси и управување со отпадот која охрабрува широк спектар на учесници (јавни власти, приватни компании, граѓанско општество) и иницира нивно вклучување во програмата.