Интервју со Андреј Ѓокиќ: Заштитата на животната средина почнува со секој од нас

Како соодветно да го отстраните отпадното масло после готвењето?
06/12/2017
Еко-хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“ на МРТ – Македонија наутро
21/12/2017

За актуелната кампања за собирање на отпадни масла од домаќинствата, еко-хуманитарната акција „Рециклирај и донирај“, колку загадуваат отпадните масла за јадење и многу други актуелни прашања…

Во интервју за Gotvi.mk, разговараме со Андреј Ѓокиќ, менаџер во компанијата Суниленс, првата овластена компанија за управување со отпадни масла за јадење во Македонија.

SUNILENS ECO - GO GREAN

Gotvi.mk: Изминатите неколку месеци Суниленс е актуелен со новиот еко систем за собирање на отпадни масла од домаќинствата. Колкав е интересот на граѓаните за вклучување во оваа акција?

Ѓокиќ: Би сакал да изразам голема благодарност до сите граѓани и домаќинства кои веќе се вклучија во нашиот еко систем за собирање на отпадни масла за јадење од домаќинствата. До сега имаме преку 450 собирачи од цела Македонија, а бројката на заинтересирани граѓани континуирано се зголемува. Преку поширока национална кампања сакаме новиот систем за собирање на отпадно масло како и еко-едукативните проекти и иницијативи кои ги спроведуваме да ги доближиме до сите граѓани. Нашата цел е да ги достигнеме еколошките стандарди кај европските земји, каде 70-80% од населението го селектира и собира отпадот од домаќинствата.

Во изминативе месеци започнавме соработка со повеќе здруженија и организации за заеднички да работиме на едукација во поглед на селектирањето, собирањето и рециклирањето на отпадното масло за јадење како и значајната улога на овие еколошки практики за заштита на околината во која живееме.

Имено, започнавме соработка со Здружението Љубезност во рамките на еко-хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“, потоа со ОХО со кои реализираме пилот проект во две градинки во градот Скопје „Учиме за собирање и рециклирање на отпадно масло за јадење“. Исто така започнавме соработка преку заеднички еко активности и со Здружението „Гоу Грин“ со фокус на подобрување на системите за собирање на отпадно масло и поддршка на постоечките еколошки проекти за управување со отпадно масло. Се надеваме дека ваквите комплементарни цели и конкретни активности кои ги имаме со овие здруженија ќе придонесат до зголемување на еколошката свест и навиките за собирање на отпадното масло кај населението преку позитивни резултати кои ќе бидат од бенефит за целото општество.

Gotvi.mk: Како сте задоволни 6 месеци по отпочнувањето на еко-хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“?

Ѓокиќ: На почетокот дозволете ми да ви објаснам како почна нашата соработка со Љубезност и како граѓаните можат да се вклучат во „Рециклирај и донирај“.

Соработката со Љубезност, здружение кое долги години напорно работи кон обезбедување на помош за социјално загрозени семејства во Македонија, започна уште од Април оваа година кога почнавме континуирано да донираме сончогледово масло за јадење. Имаат одличен тим со иновативен пристап и транспарентност со кој навистина воспоставивме одлична комуникација. Така се роди и идејата да почнеме со еко хуманитарниот проект „Рециклирај и донирај“ од Мај годинава, во рамките на нашиот нов систем за собирање на отпадно масло од домаќинствата.

Приклучувањето во новиот систем за собирање на отпадно масло од домаќинствата е прилично лесен и едноставен. Граѓаните можат тоа да го направат преку нашата веб страна, Facebook страна или пак директно да не побараат на телефонски броеви 070 264 444, 02/2650-100 или на 02/2650-600. Секој оној кој е заинтересиран за акцијата е добредојден да се приклучи. Нашата мобилна екипа доставува 3 литарски специјални пластични садови за безбедно и хигиенско собирање на отпадно масло директно до секое домаќинство. Откога ќе се наполни садот, собирачот треба да не контактира за да го испратиме нашиот тим да ја подигне собраната количина на отпадно масло и да достави нов чист сад за собирање. Притоа при секое собирање на 3 литри отпадно масло, доделуваме половина литар сончогледово масло како додатна мотивација за секој собирач. Собирачот може да одлучи да си го задржи маслото за себе или пак да го донира преку Љубезност во рамките на акцијата “Рециклирај и донирај“.

Како што напоменав и претходно, голем број на семејства и поединци веќе се вклучија во оваа еко-хуманитарна акција, почнаа да враќаат отпадно масло за јадење и да прават донации на сончогледово масло. Со тоа веќе се акумулираат и количини на сончогледово масло, кое „Љубезност“ ќе го донира на социјално загрозените семејства во следниов период. Набрзо ќе ги објавиме и првите резултати од проектот во поглед на вкупно собрано отпадно масло за јадење и направени донации од страна на граѓаните преку „Рециклирај и донирај“.

Gotvi.mk: Од досегашното искуство, на што се одлучуваат граѓаните повеќе – да го искористат или да го донираат маслото за јадење кое им го подарувате?

Ѓокиќ: За нас е најважно домаќинствата да го поддржат и да се вклучат во новиот еко систем за собирање, односно да ја собираат секоја количина отпадно масло за јадење која ја создаваат. Еколошката свест се подига и гради со создавање на услови за собирање и рециклирање на отпадот, лесно достапни до граѓаните. Токму тоа е нашиот концепт. Граѓаните до сега немале каде да го селектираат и фрлаат отпадното масло за јадење. Истото завршувало во одводните цевки и ја загадувало животната средина, а при тоа правело и големи штети при функционирање на мијалниците и канализационите системи. Сега за прв пат имаат можност да се запознаат со еколошкиот бенефит од собирањето и рециклирањето на отпадното масло, да бидат мотивирани да го собираат и да се запознаат со штетите од него доколку не се одлага на правилен начин.

Дали ќе се одлучат да го задржат половината литар сончогледово масло кое го доделуваме како мотивација за секои собрани 3 литри отпадно масло или да го донираат до социјално загрозени семејства е нивна одлука која во обата случаи ја поддржуваме и почитуваме. Досега се покажа дека има интерес и за правење донации, односно има совесни граѓани кои редовно враќаат отпадно масло и притоа го искористуваат и хуманиот аспект од еко акцијата за донирање на добиеното сончогледово масло.

Gotvi.mk: Суниленс е македонска компанија која е пионер во собирањето и третманот на отпадните масла за јадење од индустриските капацитети и домаќинствата. Како дојдовте до оваа идеја?

Ѓокиќ: Идејата за проширување на нашите активности во доменот на екологијата потекнува од сопственикот и основачот на Суниленс, Синиша Ѓокиќ. Проучувајќи ги еколошките практики во управување со отпадни масла и масти за јадење како и состојбата на европскиот пазар направивме конкретен бизнис план преку детална анализа и истражување на пазарот. Инвестиравме со свои сопствени средства во нов погон и технологија, развивање на професионален кадар и логистичка мрежа која беше потребна за вршење на оваа нова дејност. Откога ги добивме потребните дозволи од Министерството за животна средина компанијата храбро и оптимистички зачекори во оваа нова индустрија која дотогаш не беше позната и применета во Македонија.

Клучен и одлучувачки момент за ваквата одлука одигра фактот што нашата компанија врши дистрибуција на рафинирани растителни масла во прехранбената индустрија низ целата држава. Врз основа на количините кои ние на годишно ниво ги пласираме на македонскиот пазар, дојдовме до одредени првични показатели за количините на отпадно масло кои се создаваат. Тоа беше појдовна точка во реализацијата на овој еко проект со проекција за негова прогресија ако се земат во предвид и сите други создавачи на овој отпад на ниво на целата држава. Отпадот кој останува после употребата на маслата и мастите за јадење завршува во одводите и во природата, а истиот е голем загадувач на животната средина. Создавачите на овој отпад немаа каде да соодветно да го селектираат и отстрануваат. Сакавме и во Македонија да се имплементира и воспостави еко практиката од другите европски земји за еколошко постапување со отпадни масла и масти за јадење. Тоа беше мотото и инспирацијата за реализација на нашата првична идеја.

Патот од првичниот концепт до реализацијата на овој проект не беше лесен. За разлика од високо развиената еколошка свест во европските земји за овој вид на отпад, кај нас процесот одеше побавно и беше потребно многу време. Сепак, преку напорна работа и континуирана едукација на секој индустриски создавач на отпадни масла за јадење, Суниленс прерасна во најголемиот собирач на отпадни масла за јадење во Македонија.

Преку креирањето на навики кај угостителите редовно да ги менуваат маслата за јадење при подготовката на храна, создадовме еден значаен еколошки систем кој има позитивно влијание и врз нашето здравје како секојдневни корисници на готови прехранбени производи во угостителската индустрија. Затоа со право може да кажеме дека ние сме пионери во оваа дејност. Со проширувањето на нашиот систем за собирање на отпадно масло и во доменот на домаќинствата, нашата цел е да направиме уште поголем придонес за екологијата и да создадеме позитивни еколошки вредности кај сите создавачи на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло.

Gotvi.mk: Според Вашите проценки, колкав капацитет има Македонија за собирање на отпадни масла од домаќинствата и индустриските капацитети?

Ѓокиќ: Во сите земји членки на ЕУ на годишно ниво се собираат околу 725 илјади тони отпадни масла и масти за јадење од индустријата и домаќинствата, што претставува 1,45 килограми по жител. Во Македонија се собираат над 500 тони отпадно масло секоја година, односно 0,25 килограми по жител.

Анализите покажуваат дека во нашата земја има простор да се собираат уште повеќе количини на отпадно масло, особено кај домаќинствата бидејќи до сега немаше функционален систем за собирање од овој сегмент. За да се приближиме до европскиот просек по глава на жител, на годишно ниво треба да се собираат уште 2000 тони отпадно масло.

Примерот на високо развиените економии треба да ни биде поттик да продолжиме со работа и да не се откажуваме. Од некаде треба да се почне и ова е токму тој момент. Едукацијата која ја спроведуваме е многу важна. Потребно е време, но веруваме дека нашата визија ќе стане реалност. Данска започнала во 1992 година и во оваа дејност континуирано инвестира, додека Австрија има одличен систем за собирање на отпад од домаќинствата каде самите општини се длабоко инволвирани во самиот процес. Ние почнавме во 2009 година и досега имаме постигнато одлични резултати во подигање на еколошката свест што се потврдува од досега собраните количини на отпадно масло. Сега продолжуваме со нови еко проекти за да постигнеме позитивни резултати и промени и кај домаќинствата.

Ако во Словенија може да се собираат околу 3000 тони отпадно масло на годишно ниво, зашто не би можеле и ние да ги постигнеме овие еко резултати во нашето општество. Мора да веруваме и напорно да работиме. Убедени сме дека во однос на рециклирањето на отпадното масло за јадење во иднина ќе ги постигнеме посакуваните резултати и полека ќе се приближиме до еколошките стандарди на европските држави.

Gotvi.mk: Но, кој создава повеќе отпадно масло – домаќинствата или индустријата? Претпоставуваме дека тоа се рестораните, хотелите, сендвичарите…

Ѓокиќ: Според компаративни истражувања во Европа и светот, поголем процент на отпадни масла завршуваат во одводите и природата од страна на домаќинствата. Поради големиот број, отпадот од домаќинствата е и многу потежок за собирање. Тоа беше и една од клучните причини поради кои го започнавме и овој еко проект за собирање на отпадни масла од секој дом.

Просекот на собирање на 3 литри отпадно масло се проценува дека е околу 2-3 месеци, но секако зависи од навиките за готвење на секое домаќинство и начинот на исхрана. Имаме и домаќинства кои успеваат да соберат и за еден месец. Тоа зависи од повеќе фактори. Колку се готви, колку членови има семејството, дали при секое готвење се собира во кантичката и за кој период од годината станува збор. Самиот процес на собирање на отпадно масло од страна на домаќинствата не е брз и бара трпение и континуирана едукација.

За нас е најважно домаќинствата да ја собираат секоја капка отпадно масло во нашите кантички и да не контактираат кога ќе им се наполни кантичката. Убедени сме дека ќе успееме да допреме до секое домаќинство, да го поттикнеме интересот кај граѓаните и да влијаеме на подигање на еколошката свест и општествената одговорност. Ако тоа стана практика кај индустриските создавачи, веруваме дека ќе стане редовна навика и кај домаќинствата.

Главната цел е да се заштити животната средина, бидејќи несоодветното отстранување на овој вид на отпад претставува најчест причинител за загадување на водата, почвата и тоа на 1/4 од сите загадувања. Само 1 литар отпадно масло може да загади до 1 милион литри вода.

Особено би нагласил и дека фрлањето на отпадните масла за јадење во канализационите системи во 40% од случаите е причина за нивно затнување. Во урбаните средини каде има висока концентрација на население, отпадното масло ги замастува цевките од канализацијата со што предизвикува нивно запушување. На пример, во Велика Британија, 50-75% од сите блокади на канализационите системи се предизвикани од отпадни масла и масти додека трошокот за санирање на годишно ниво изнесува 100 милиони евра.

Кога зборуваме за индустриските капацитети, досега успеавме да собереме и преработиме над 2.500 тони отпадно масло за јадење од прехранбената и угостителската индустрија во Македонија. Ако се има предвид дека овие количини на отпад претходно завршувале во канализационите системи и животната средина како голем загадувач, сосема јасен е нашиот придонес во екологијата и повеќе од сигурни сме дека се движиме на вистинскиот пат.

Gotvi.mk: Што се случува со собраното отпадно масло, каде завршува тоа?

Ѓокиќ: Суниленс уште од 2009 година активно работи во областа на управување со отпадните масла и масти за јадење.

Нашата упорност како компанија и вербата во нашиот систем за управување со отпадно масло се потврдува со нашите досегашни постигнати резултати. Како што напоменав претходно, во текот на последните 9 години Суниленс успеа да собере над 2.500 тони отпадно масло за јадење од повеќе од 850 индустриски создавачи на овој вид на отпад. Нашата ефикасна колекторска мрежа ни овозможува да собираме отпадни масла низ цела Македонија кои поминуваат низ термички процес, таложење и филтрација во нашиот систем за управување со отпад и потоа се пласираат како еко суровина на пазарот за биодизел во Европа. Потврда за успешното вршење на оваа дејност е сертификатот за квалитет на нашиот систем за управување со отпадно масло според европскиот систем ISCC EU и ЕУ Директивата за обновлива енергија 2009/28/EC.

Задоволни сме што како компанија воведовме високи стандарди за управување со отпадни масла во нашата земја следејќи ги успешните европски и светски примери. Особено сме горди што заедно со голем број на граѓани, компании и организации придонесуваме за подигање на еколошката свест и менување на еколошките навики со цел да ја заштитиме животната средина и да создадеме подобри услови за идните генерации.

Gotvi.mk: Вашата компанија има децениска традиција на нашиот пазар. Кои се главните дејности со кои се занимава Суниленс?

Ѓокиќ: Суниленс е компанија која е основана во 1993 година. Компанијата е етаблирана на македонскиот пазар и има 25 годишно искуство во трговијата со рафинирани растителни масла, индустриски маргарини, прехранбени суровини и полупроизводи како нејзина основна дејност. Опслужуваме широк спектар од над 1000 производители во мелничко-пекарската, кондиторската, конзервната и други прехранбени индустрии.

Суниленс е главен увозник за Македонија на индустриската програма на Дијамант, додека нашето портфолио на прехранбени артикли застапува и други брендови од Италија, Србија, Малезија и Индија. Развојот и растењето на компанијата е резултат на лидерските способности на нејзиниот сопственик, бизнис логистиката и планската стратегија за развој кои се менаџираат од негова страна заедно со целиот тим на компанијата.

Нашиот претприемачки дух и визија за иднината не застанаа тука. Со создавање на нови европски стандарди и услови за работа, направивме уште еден чекор напред и во 2009 година отпочнавме со проширување на нашите активности во нова дејност, односно во полето на екологијата.. Инвестиравме во современа технологија, опрема, логистички и човечки ресурси за отпочнување на нов еколошки систем за собирање, транспорт, складирање и третман/преработка на отпадни масла и масти за јадење од растително потекло. Создадовме услови за извршување на оваа нова еко дејност по примерот на развиените европски зелени економии. По добивањето на потребните дозволи, Суниленс стана првата овластена компанија за управување со отпадни масла за јадење од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање во Македонија.

Преку нашиот модерен систем на собирање, складирање, третман и пласман на отпадните масла и масти за јадење на пазарот за биодизел во Европа, направивме значаен придонес во развојот и промоцијата на еколошки вредности, циркуларна економија и одржливи практики за чиста животна средина.

Gotvi.mk: Кој е тимот што стои зад успешната 25 годишна приказна на Суниленс?

Ѓокиќ: Суниленс поттикнува претприемачки дух, нови идеи и континуирана надградба на своите капацитети и дејности. Зад компанијата стои кадар од 27 професионално обучени вработени. Ние веруваме во нашиот тим и сите вработени кои ја креираат нашата успешна приказна. Воведување на најсовремени практики и професионални стандарди во работењето, обезбедување на најповолни услови за нашите вработени и задржување на највисоко ниво на општествена одговорност се нашиот двигател за напредок и успех. Горди сме на сите вработени и нивната целосна посветеност во извршувањето на своите задачи и исполнувањето на нашата визија. А токму тимските резултати, упорноста и желбата за успех на нашиот тим придонесе низ годините Суниленс да прерасне во лидер во прехранбената индустрија и управувањето со отпадни масла за јадење во Македонија.

Нашата визија е тимска работа и целосна посветеност кон задоволување на потребите на секој наш клиент. Исто така, се стремиме да создадеме идеални услови, успешна работна средина и можност за надградување на нашите вработени што придонесува до континуирано подобрување на техничките, оперативните и менаџерските капацитети кои ги имаме.

Gotvi.mk: Како државата може да Ви помогне со цел поуспешно спроведување на овие и други еколошки активности во иднина?

Ѓокиќ: Соодветна поддршка од надлежните институции за системско подобрување на собирањето на овој отпад ќе биде од бенефит за целото општество. Напорите и инвестициите кои ги правиме со овие еко активности и проекти се резултат на децениски посветена работа на нашиот тим во целиот процес.

Организираме и учествуваме на голем број настани во сферата на заштитата на животната средина заедно со претставници на ресорните министерства. Неодамна во посета на нашата компанија беше и заменик министерот за екологија, Јани Макрадули кој ги поздрави нашите еко проекти и нашата посветеност во делот на подигањето на јавната свест за заштита на животната средина.

Се надеваме дека соработката со државните институции постојано ќе се унапредува и дека екологијата ќе биде врвен приоритет на секоја државна институција во Македонија. Во оваа насока, наша заложба е да се следат позитивните примери за дополнителни законски решенија во делот на управувањето со отпадни масла за јадење по урнекот на Хрватска и други европски примери, што ќе придонесе позитивно во самиот еко систем за собирање на отпадно масло.

Во земјите од ЕУ еколошките проекти се подржани од надлежните институции и државата. Затоа и очекувано е тие побрзо да растат и да даваат поголеми резултати за пократок рок. Би сакал да напоменам исто така дека инвестиција во инфраструктура за собирање на локално и национално ниво, едукативни кампањи и континуирано информирање на населението, подобрување на регулативите и правилниците за управување со отпадно масло по примерот на ЕУ од страна на нашите надлежните институции, општини и министерства би биле од голема помош за нас, за самата индустрија за отпадно масло како и за самата еко состојба на земјата.

Gotvi.mk: Ваша девиза е дека еколошката свест треба да се гради уште од најмали нозе. Какви активности спроведувате на тој план?

Ѓокиќ: Во овој дел, ми претставува задоволство да го споменам проектот „Учиме за собирање и рециклирање на отпадно масло за јадење“ кој во пилот фаза од месец октомври го спроведуваме во соработка со ОХО, а се одвива во детските градинки „Орце Николов“ во општина Карпош и „Корчагин“ во општина Центар.
На овој пилот проект му претходеа повеќе анализи и следење на примерите за еко едукација уште од најрана возраст во западните земји.

Проектот има за цел да ја доближи темата за екологија – собирање и рециклирање на отпадни масла за јадење – до децата уште од најмала возраст. Предвидени се неколку фази на директна едукација на најмладите преку специјално дизајнирани еко материјали со ликот на Петко и едукативни активности со наставничките, како и организирање на еко акции за собирање на отпадно масло од родителите.

Веќе ги направивме првите презентации пред родителите и децата во градинките и ги поделивме првите кантички за собирање. Нашата цел е по реализацијата на овој еко едукативен проект, активноста да продолжи на долготраен рок и да ја прошириме во другите градинки низ градот Скопје, а потоа и во основните и средните училишта.

Подигнувањето на еколошката свест кај домаќинствата и помладите генерации за потребата од прописно собирање на отпадните масла за јадење и позитивните влијанија на ваквите практики врз природата е наша примарна цел. Ваквиот пристап ни овозможува да продолжиме со исполнувањето на нашата визија за почиста животна средина и создавање на високи еколошки вредности и практики на циркуларна економија во општеството.

Мора да станеме целосно свесни дека заштитата на животната средина почнува со секој од нас и е единствениот траен влог кој им го оставаме на идните генерации.

Gotvi.mk

Ние собираме, складираме и третираме отпадни масла за јадење од хотели, ресторани, сендвичари, големи и мали потрошувачи на растителни масла низ цела Македонија.

При подигање на вашето отпадно масло за јадење доставуваме соодветна амбалажа за собирање. За да го собереме вашето отпадно масло или доколку сакате да дознаете повеќе за нашиот систем на собирање, контактирајте не и веднаш ќе ве посетиме.

slika-za-proekt-ohrid-1