Колку е штетно отпадното масло по нашето здравје и животната средина?

ЕКО-ХУМАНИТАРЕН ПРОЕКТ „РЕЦИКЛИРАЈ И ДОНИРАЈ“ – ВИДЕО ПРИЛОГ НА МРТВ
17/07/2018
Децата од градинките учат за собирање и рециклирање на отпадното масло за јадење
01/10/2018

Откако завршивте со приготвувањето на вашиот омилен вкусен оброк и ве мами неговиот неодолив мирис, а имате само неколку минути да ја расчистите кујната, која е вашата прва помисла за веќе употребеното масло кое останало во тавчето?

Мијалникот е најблиску за да се истури маслото или можеби одводот во тоалетот? Можеби ви изгледа правилно да го исфрлате отпадното заедно со останатиот комунален отпад?
Еколошки погрешен избор!
Истурањето на отпадното масло во мијалникот или пак неговото мешање со комуналниот отпад е исто како да сте го исфрлиле овој отпад директно во природата.

Загадени водни површини, неупотреблива и загадена почва, изумирање на флората и фауната во водите, запушување на канализационите системи… Ова се неколку од насловите кои ги сретнуваме по социјалните мрежи и вестите на телевизија. Голем дел од овие загадувања на околината во која живееме се предизвикани од несоодветно собирање и третман на отпадно масло за јадење.

Факти за отпадните масла за јадење

1. Отпадното масло е штетно по нашето здравје!

При готвењето, откако маслата за јадење од растително потекло (како сончогледовото масло, маслиновото масло, маслата од репка, сусам и други) ќе добијат темно кафеава боја и остар мирис на храната која се приготвува тие ги менуваат своите молекуларни својства, односно добиваат својства на отпад. На сликата подоле може да видите како изгледаат отпадните масла за јадење.


Затоа се препорачува маслата за јадење да не се ре-употребуваат и користат за повеќекратно готвење бидејќи може сериозно да му наштетат на нашето здравје. Со редовно и често менување на маслата за јадење после секое готвење, значително го намалуваме ризикот од штетни последици.

2. Отпадното масло ги загадува урбаните средини и природните еко системи!

Фрлањето на отпаднo масло за јадење во канализационите системи во 40% од случаите е причина за нивно запушување. Отпадните масла се стврднуваат на пониски температури и со тек на време се таложат на самите цевки, процес кој може да доведе до блокирање на јавните одводи. Во Велика Британија, 50-75% од сите блокади на канализационите системи се предизвикани од отпадни масла и масти, што претставува трошок од 100 милиони евра на годишно ниво.

Акумулацијата на отпадни масла за јадење во цврста состојба врз почвата го попречува протокот на вода и воздух и го прекинува процесот на фотосинтеза со што негативно влијае врз растителниот и животинскиот свет.

Засташувачки е фактот дека само 1 литар отпадно масло може да загади 1 милион литри вода. Маслото е полесно од водата и има тенденција да се шири во тенки и широки мембрани. Неговото излевање во реките, потоците и езерата сериозно го загадува нивниот еко систем и го нарушува ланецот на исхрана преку создавање на токсичен талог на дното и по коритата. Тоа може да предизвика катастрофални последици за животната средина.

Отпадното масло како дел од циркуларен еко систем

Отпадното масло за јадење како и пластиката и хартијата е потребно да го добие своето место во правилен и сигурен еко систем за управување со овој вид на отпад. Преку собирање и рециклирање на отпадно масло и масти од растително потекло  се добиваат обновливи извори на енергија, како биогоривото, кои не ја загадуваат природата како фосилните горива. На тој начин, отпадното масло ја добива својата корисна енергетска и еколошка улога во ланецот на циркуларна економија.

Према одредени анализи, кај нас се создаваат над 2.000 тони отпадно масло секоја година, додека ефективно се собираат и рециклираат над 600 од овој отпад. Поради тоа, прехранбената индустрија и домаќинствата како создавачи на отпадни масла за јадење имаат должност према животната средина да бидат еколошко свесни и правилно да постапат кога се работи за селектирањето, собирањето и предавањето на отпадните масла на овластени компании за управување со овој вид на отпад. Доколку сакате да дознаете повеќе за навиките за селектирање и собирање на отпадно масло кај домаќинствата во Македонија, погледнете го истражувањето на „Го Грин“ направено во 2017 година.

 

Како да постапувате правилно со отпадните масла?

Процесот е доста лесен и едноставен. Отпадното масло, откако ќе се олади (најмалку 1 час), треба соодветно да се собира во посебна амбалажа, односно да не се фрла во мијалникот или тоалетниот одвод. Доколку сакате да дознаете повеќе како соодветно да го собирате отпадното масло кое го создавате и како да се вклучите во нашиот еко систем за негово рециклирање, кликнете овде.

Денес проблемите со несоодветното одлагање и третирање на отпадот, загадувањето на воздухот, почвата и водата, како и и несовесното однесување кон животната средина стануваат се по загрижувачки. Се надеваме дека успеавме со овој блог да ве мотивираме уште повеќе да размислувате за отпадот кој сите ние го создаваме секојдневно и како преку негово искористување за добивање на обновливи извори на енергија можеме да придонесеме до почиста животна средина.Секоја позитивна еколошка промена почнува индивидуално кај секој од нас дома, но исто така и на колективно општествено ниво.